Убава зима беше ваа што мина. Идеална за човек да прошета
наваки натаки. Ни самиот не знам зошто , но случајната средба еве сакам да ја
споделам. Беше некаде крајот на Февруари, неколку дена пред почетокот на
Великиот пост. Брзо се стемнува, топлина за тоа време невидена. Затворив така
порано и им велам на моите :
-Ајде спремете се. Ќе одиме до Лерин. Да прошетаме . Имам и
некоја работа , та тамам.
Тргнавме. Со синчето никогаш не е досадно. Те пее, те нешто
се буни , те те смее...Ќерка ми го подржува како пратечки вокал. Весело.
Граничните формалности одат брзо, но сепак времето одминува. Стигнавме. Лерин ,
со клима иста како Битола, исто и живее. Полни кафетерии на секој топол ден.
Таа вечер не беше исклучок. Убаво се рашетавме низ чаршијата , по продавници ,
па некој очигледно и огнладне. Мој пријател има гиро сендвичара и ретко го одминуваме.
Ги оставив таму, јас ем нељубител на месо, ем не многу гладен, та и тост со
кашкавал не ми се апнува,па отидов до една аптека да ја завршам и таа малку
работа која ја споменав пред тргнување. И таа е тука на главната улица, кај
луѓе наши , веќе познати. Не ми требаше многу време да стигнам. Си прашав , за
жал ги немаше лекарствата кои ги барав и на излегување еден дедо седнат до
вратата во фотелјата, очигледно од семејството на аптекариве, ми се насмевна и
ми рече:
-Со колата ли ќе греиш за Битола? –ме праша со една искрена
насмевка на неговото забрчкано лице. Убаво дотеран за годините, сум децении и
згора сигурно , со бастунот во рацете оставаше забележителен впечаток.
Многу ги сакам беломорските говори, онака негибнати, чисти ,
исти такви како што ги лафеа дедо ми Атанас и баба ми Риса, Бог да ги прости.Акцентот
овде не можам да ви го пренесам иако јас си говорам дур ова го пишувам со него.
Гласот ме пресече, ме растрепери.
-Да, дедо. –му велам јас. Да си ја соберам фамилијата и заминуваме.
-Греам јас на кај Битола често. Имам и пријатели и роднини.
Лошо е кај Вас. Ние се спасиме. Тиа години коа влегоме во европеискиот сојуз не
спасија. Ни даваа пари за ова , за она... За се ни даваа. Младите престанаа да
бегаат. Многу бегани и се вратија. Ех, да си влезете и Вие во тој европскиот
сојуз, ќе си се спасите. Гледам јас, дека Вас сиромаштија голема. Не може мене
ништо да ме злаже.Ем заедно ќе си бидме. Блиското , оше поблиску ќе биде. Јас
зимам 800 евра пензија. Доста ми е. Убаво се живее со тие пари. Кризата ќе
мине.И сега Европа, на таа криза не ране,а и тогај не ранеше. Патишта пулиш
какви се изградија. Со нивни пари.Да те опитам нешто внучко.- го мена муабетот.
За X.X. Од тоа селто близу градот. Кукуречани. Не бил добар, така чув
-Не знам дедо за тоа – му велам. Ми објасни уште некои
работи. Со жар говореше.
- Убаво си полафиме-му велам, ама морам да одам. Остани ми со здравје.
-И ти одими со здравје. Се разделивме. Брзањето ми беше за
џабе, бидејќи кај гирото фатило гужва ,
па сега почнуваа со јадењето. Обземен со муабетот од дедото, продолжив со
пријателот. На прашањето како е работата ми вели:
-Тешко , ама се излегува на крај. Сам работам. Имам четири
деца. Најстарото е она со книгата в рака. Има 14 години. А, она бебето шо пуле
од крошната сега ќе полне година. Жена ми е даскалка и зема 1000 евра пари . Мали
деца уче. Јас тука се мачам , ама колку толку
излегува нешто .Добро е.
Ми разјасни некои работи,за бизнисот пред и се. Моите се
најадоа и време беше за назад. Сега веќе црна темница , пак топло се возиме по
патот по ког о сообраќајот е реткост. Пак границата, пак истите формалности.
Сега повеќе чекање. Размислувам за дедото од Лерин. Не го ни опитав за името.
Не знам како се вика. Нејсе. Размислувам и заклучувам. Капа симнувам дедо.
Сакале или не, апсолутно си во право.
-Стигнавме. Слегувајте. Децата се растрчаа низ улицата која
трета година чека на асфалтирање. Среќа што слабо врне.
No comments:
Post a Comment