Sunday, April 27, 2014

Марсовци(или менувам попис за избори)

 

Марсовци(или менувам попис за избори)

март 16th, 2011

Им кажував на многумина, ама не ми веруваа. Ама си бидна работата. Троа по троа, некој итро си го истера планот. Пописот денес или утре ќе го одложат. И што е најинтересно во целата ситуација, сите мислат дека така треба. И демек не е заради нечиј политички интерес туку е заради пописната комисија и Државниот завод за статистика. Кога не можиш по магарето, удри по самарот. Некој си одигра тука двојна игра. Ви текнува кој? Ќе ни текне на сите. Политиката стварно била курва. Ама ова нашето е невидено во светски размери. И ѓоа сме биле во политика криза. Ама , каде е таа? Ја гледа ли некој? Парламентот е под 61 пратеник? Нема кворум? Јас ако не се лажам владеачката гарнитура има дво третинско мнозинство. Зарем политичка криза ќе биде секое излегување од парламентот? А, што ако утре на секој што е во опозиција , ни пет ни шест , па оп надвор? Зарем избори на секои 60 дена? И до кога така? До бескрај? А, знаете што е најтрагично? Дел и самите почнаа да си веруваат во сопствените лаги. Не знам што ќе мислат , таканаречените народни пратеници кога ќе го притиснат копчето при гласањето да се само распуштат? Ќе веруваат во зборовите на лидерите кои ќе им кажат дека тоа така треба да биде. Полесно е некој друг да мисли за тебе. Но, не може тоа така. Тоа некои добро го знаат. Но мораше да се изигра така, па да се создаде јавно мислење дека тоа навистина е така, па потоа беше лесно. Што сакам да кажам. Јас од првиот ден верував само во едно: Дека цел овој циркус има цел само да го одложи пописот. Тоа намерно се подзаскрива, да не пукне резилот дека за ништо не не бива. Дека и за една статистичка работа треба и меѓупартиски договор, за тоа колку овци , овај луѓе треба да се пребројат. А, вистината е дека без меѓупартиски договор во оваа држава, демек демократска , нема ништо. Ама баш ништо. А, наместо одлагање на пописот, да ги избришевте оние 20 проценти во Уставот, та без никакви пречки да видиме колку луѓе пред се живееме на ова прекрасно парче земја. Јас, искрено не можам да ги разберам и Албанците, та да ги имаат и гледаат само како некој број, да ги гледаат како процент, а не како луѓе. Мене ми е мило што сум Македонец , но јас сум единка пред се. Со ум и разум. И не сакам да бидам само таму некаква си бројка. И не сакам да уживам права затоа што сум голем процент. Сакам да ги уживам затоа што од Бога ми се дадени. А, ние така затворени секој во своите кругови, та сите си мислиме дека од нас подобри и поубави нема, а вистината е , еве и сами гледате, дека нити едните, нити другите, а богами и сите останати сме за нигде никаде. Односно дека кога ќе речат дека од секое дрво , кавал не бидува, ете, навистина не бидува. И сега што? Јас не гледам алтернатива, па бидејќи тука сите од најдолу па до најгоре се прават , што би се рекло како паднати од Марс, немаме друго чаре та да си се попишиме сите како Марсовци. Белким тогаш ќе ни тргнат работите на поарно. Се разбира, ако и за тоа ни се усогласат и ни дозволат нашите лидери.

No comments:

Post a Comment