Tuesday, April 29, 2014

Кратка прошетка низ битолската стара чаршија

Кратка прошетка низ битолската стара чаршија  


    Убав ден е денеска.Ни едно облаче на хоризонтот.Пролеттва беше прилично дождлива,но денес блеска Сонце. Тука сум некаде покрај Драгор,крај старите чинари накитени во ново руво.Го поминувам дрвеното мовче кое е релативно ново но одлично стилски вклопено.Умот одма ми мава дека додуша го заменаа старото во текот на изборна кампања, ама таков ни е менталитетот. Па и среќа е што и никој не настрада на старото. Како и да е,гоминав и навлегов во чаршијата. Има во неа некоја магија што ме обзема секојдневно, та не можам без неа. Ме пречека големиот мурал Петелот(додуша без една нога,паднала фасадата) посветен на малиот битолски монмартр, а и знаменцата во чест на оваа ликовна колонија, и тие троа подискинати ,но кога никој не помага и тие бркаат работа. Пешачка зона е овде (со можност за снабдување со стока на дуќаните ама во строго опрделено време и со ограничена тежина) , а некој свири ли свири. Се вртам и гледам некој во џип надвор од пропишаното време брза некаде та ќе не согази сите во наша(пешачка) зона. Ај попаметниот попушта та се растргавме па помина та си се паркира стотина метри подолу.Ништо не истовари, но затоа една госпоѓа си ја скрши штиклата на искршените плочки. Има чевлари неколку низ чаршијата. Така ги одржуваат старите занаети.Дозволуваат намерно да се искршат плочките, за потоа да ги кршат чевлие па чевларите да имаат работа.А, од други стари занаети ни трага ни глас. Изумираат. Та кој да мисли и на нив. Треба да семисли на избори, што се три години бргу ќе поминат. Што аир од ковачите? Нема бизнис со нив.Си мислам така и си продолжив понатаму. Луѓе врвулица, ама нема кај да одморат сем под липата на клупите пред ликовното студио. Кафетерии, ресторани на прсти да ги броиш. Некогаш беа една до друга. А, толку е убава оваа чаршија толку туристи доаѓаат да ја видат, но ете нема кај да потседнат. Колку помалку угостители има толку полошо и за нив. Никој не ги заприметува. Минав веќе кај единствената кафе галерија во чаршијата. Секогаш и се восхитувам кога ќе поминам крај неа. Но никогаш не е полна со гости. А ,култура промовира! Што ли е со нас? До нас ли е, до властите ли е? Не знам. Знам само дека  овој човек и нему сличните заслужуваат субвенции. Секое вложување се враќа на овој или оној начин. Банкнотите не се единственото богатство. Ама за кој како. Си продолжив понатаму. Убав ден и за шетање и за размислување. Гледам мачкаат некоја фасада. Аирлија нека е- си велам.белким ќе ги средат сите некогаш. Една ластовица пролет не носи ама ја најавува. Патот по сокачињата ме доведе до пазарот.Тој е и дел од неа само сега некако неприродно одделен со некоја грда ограда. Заприметив две туристки, Германки по зборот. Си имаа купено по едно јаболко и по некоја јаготка и со апартот во раката сликаа се со ред и задоволно си се смешкаа. Но и некој друг ги запримети. Локалниот џепчија. Нема кој да го избрка. Та реков погоре избори идат за три четири години. Луѓето на мака се .Треба да се мисли, нешто да се смисли. Е сега на Џемаил џепчијата ќе мислат. Тоа што тој можи да одврати еден куп туристи да го посетат градот ама баш никого не засега.Избори идат за илјада и нешто денови!Ееј.. Ги предупредив со два збора, ми се насмевнаа ми се заблагодарија, си ги прибраа чантите и си продолжија понатаму. И јас си продолжив. Реков ќе одам до крај. Стигнав до Дебојот. Објект заштитен со закон споменик на културата ,чинам од прва категорија, а со години ли седи така или има за него некоја несоодветна дејност. Едно време се продаваа партали, па маркет, а сега е пекара. Има еден објект во Скопје на влезот на тамошната чаршија многу налик на Дебојот и е најрепрезентативниот изложбен простор во Скопје .Чифте амамот. Ама, скопската чаршија некој сака и со закон да ја заштити и оживее. Таму уште продаваат опинци, не дека скопјани ги носат,туку дека туристите ги купуваат. А,кај нас на никој не му текна Дебојот да го земи под општинска капа и да го адаптира во центар на културата. А, им текна за детскот одморалиште. Како и да е, јас си ја поминав целата чаршија и денес, како и секој ден впрочем,та со полна душа го продолжувам денот. Прекрасен ден како и секој во градот под Баба, кој многумина за жал го напуштиле, а гледам и доста планираат да го напуштат.Тие знаат, а ние? Се прашува ли некој зошто?
          Слики од иднината.
     Денес решив да прошетам низ чаршијата. Не дека вчера не бев, ама денес е некако посебен ден. Утре се отвора малиот битолски монмартр по триесетти пат. Ја минав реката. Водата е кристално чиста, рибите спокојно си пливаа ваму таму. Насекаде знамиња.Државни,општински ,на манифестацијата.Нови. Фасадите на објектите свежо обновени блескаа на
Утринското сонце.И плочките онака здрави блескаа од чистота. Од околните национални ресторани, кафетерии и кафе галерии излегуваа првите звуци на македонската песна. Од некаде староградски, од некаде забавни. Мило ми е кога дома си го слушам мајчиниот јазик. Младиот уметник од ателјето спроти ковачот,уредно местеше некоја нова слика во излогот. Деновиве се очекуваа многу туристи. Две девојчиња изллетаа од книжарницата која на времето беше спортска обложувалница и задоволни што си купиле нова книга со потскокнување продолжија понатаму. Ги поздравував сите еснафи кои ги сретнав. Се најдов со еден школски другар, кој две децении живееше преку Атлантикот и сега конечно се врати дома за до крај, и одма седнавме во онаа иста кафе галерија која опстоја сиве овие години. Иако беше рано сабајле имаше едвај една слободна маса и тоа надвор. Сопственикот мој стар пријател беше задоволен. Ми рече дека од кога властите почнале со субвенции и тоа не со давање, туку со неземање, односно ги ослободиле од плаќање комунални давачки за поставување на маси на отворени површини , работата почнала полека да се движи напред. Сега плаќал, но сега се други времиња. А, ми напомена и дека занаетите кои ги сметале за изумрени или биле на тој пат ги потпомагале и финансиски. На прекрасната музика го испивме утринското кафе, разменивме неколку муабети и се разделивме срдечно. Договоривме повторна средба тука некаде, да пробаме национална храна со семејствата во некој од многуте ресторани. А, потоа во слаткарница преполна со ориентални егзотични слатки. Јас стигнав во пазарот.Онаа неприродна грда ограда веќе ја немаше .Плочките беа заменети со нови, а и некои објекти беа реновирани. И беше многу чисто. Друго се беше исто. Многу луѓе ,многу избор, туристи. Само џепчиите ги немаше веќе со години. Обезбедувањето кое го постави општината многу добро си ја заврши работата. Џемаил и нему сличните сега лебот го печалат со кревање вреќи. Така среќен стигнав до Дебојот. Светеше и визуелно и душевно. Вечерва градоначалникот ќе отвора изложба посветена на сиве овие години мал битолски монмартр. А, наредната недела верувале или не тука ќе бидат изложени дела на Салвадор Дали. Душава ми е полна како никогаш до сега .


мој избор | не можеш да оставаш коментари | за печатење | прати по e-mail | 90 пати прочитано   #

  • Убава визија имаш за иднината! Само сегашноста убива...
    Сепак најградскиот град во Македонија сочувал огромен дел од традицијата! Ако е тоа некаква утеха!
    Поздрав!
    (alexandro 15 Јуни, 2009 - 21:43 | не можеш да оставаш коментари)

  • Ти благодарам. Се обидувам да издејствувам нешто, иако тешко ми оди. А, не треба многу. Само да се зачува постојното. Поздрав.
    (Васко Крајчевски 15 Јуни, 2009 - 22:14 | не можеш да оставаш коментари)

  • Ме потсетивте на убавините на Широк сокак, кога бев пред две години. Ми се допадна како го опишавте битолскиот монмартр, прекрасно е да се прочита за еден од најубавите македонски градови Битола, градот на конзулите. Поздрав пријателе, имајте убава ноќ, во прекрасната Битола.
    (INSOMNIA... 15 Јуни, 2009 - 22:17 | не можеш да оставаш коментари)

  • Ви благодарам Инсомниа. Имајте и Вие убава ноќ.
    (Васко Крајчевски 15 Јуни, 2009 - 23:06 | не можеш да оставаш коментари)

  • No comments:

    Post a Comment