Sunday, April 27, 2014

ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГЛАСАЊЕ

ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГЛАСАЊЕ

февруари 9th, 2011

Политичка криза. Ова е терминот кој деновиве многу се врти насекаде па ми даде мотив да седнам и да напишам нешто кое одмана ми лежи на душата. Дали кризата е од вчера? Или од многу поодамна кога нашиот народ реши да оди по линија на помал отпор и сонувајќи го минатото сфати дека мора да се приклони кон некоја политичка партија и тоа не за доброто на Татковината, туку за своја лична корист. Но бидејќи изборното законодавство такво какво што е е во полза само на големите играчи, сите оние ситни (речиси сите) си ја прифатија својата улога на сателити и кој ваму кој таму си влегоа во црно-белиот Свет на двете најголеми политички партии кај нас. И така настана биполарната македонска политичка сцена, со правила кои не нудат излез од ќор сокакот. Двеве политички партии, која помалку која повеќе во оваа ситуација ја злоупотрбуваат својата( условно речено) сила, па така деновиве во циркусот кој го гледаме катаден од разноразни потпароли, патем да кажам дека повеќе и вести не гледам бидејќи нешто ми се бурбати во стомаков, дури слушнавме и закани со крвоплевање, а малку пред тоа шоуто се претвори и во отворен повик за канибалзам. Паднавме подолу од дното на дното. Ќе прераскажам нешто. Пред година две во Израел имаше избори за Кнесетот. Имаат тие и внатрепартиска демократија, која кај нас ќе ја сонуваме уште бајаги време, па на внатрепартиските избори на тогаш победничката партија Кадима мнозинството од 27000 членови ја избраа Ципи Ливни за кандидат за премиер. Јас ова го читам се чудам и не верувам. Само дваесет и седум илјади члена? На 6 милиони народ? Преведено на наше како владеачката партија да има едвај десет илјади членови. А, двете најголеми партии уште пред едно пет години се фалеа со стоилјадно членство и згора. А, за пет години врувам дека е удвоено. Е, да сакаа овие сите да работат за доброто на Македонија. Кој знае кај ќе ни беше крајот? Е па тоа е. А, дали има лек? Големите партии тешко дека би дале да се смени во корен изборниот законик. И јас не би бил за некои драстични измени, бидејќи горе долу ова е моделот кој најповеќе и одговара на Македонија во моментов. Но, ќе напоменам, бидејќи сите од осамостојувањето па на ваму на секои избори поразениот на победникот му го оспорува легитимитетот од било кои причини, мислам дека многу добро и пожелно би било законски да се регулира задолжителното гласање. За не излегување на гласање сем не дај Боже да се изрекува доста висока казна, па оние разочараните до крај нека излезат и нека го поништат избирачкото ливче. А, кои би биле придобивките? Прво автоматски ќе се прочисти избирачкиот список. Нема да постојат сомнежи дека некој заокружува ливчиња на оние кои не излегле на гласање. Нема семејно гласање. Нема оспорување на лигитимиет поради неисполнување на цензус или поради нечиј бојкот. И најважно ,оние кои не излегуваат на гласање, најчесто се разочарани од најголемите партии, дали во македонскиот или албанскиот политички кампус, па ќе имаат шанса да ги казнат за несработеното. А тоа се речиси секој втор. Во таква ситуација секој ќе пази кого кандидира, како се однесува и што кажува. А, овие богами имаат бројка и сила да казнат. Поништувањето на ливчето и не излегувањето на гласање не е казна. Тоа е награда. Затоа , бидејќи сите сме декларативно за демократија, дајте измени во изборниот законик. Задолжителното гласање не е назадување во демократијата туку она вистинското нешто што и е потребно на истата. Кога може една велесила во секој поглед (и во економијаа и во демократија и во правосудство )како Австралија да го практикува , зошто не би можеле и ние. Се надевам дека на наредните избори сите ќе се гледаме на избирачките места.

No comments:

Post a Comment