Saturday, November 16, 2013

ЧЕКАЈЌИ ГО ЃАВОЛОТ(ЕПИТАФ ЗА ЉУБАНИШТЕ)

                               
     16:9 И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!”
     16:10 И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието.
     16:12 а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена.
     Овие стихови од Светото Писмо ми навираат  додека  в мислите јас овдека  седам и пред мене убавини гледам.Светиот Апостол Павле и не стигнал дотука,но мисијата негова, зборот на Христа спасителот наш, пристигнала чиниш од ветерот побрзо и се закотвила ко чунка сред вие бистри води. На Галичица сум. Во мислите, по патот незнаен број пати минат, а прв пат без автомобил. И се восхитував на Преспа. Душа,љубов полна, сита, пресита. Дива , недооткриена, ни таа ни светињите кои ги крие под патчињата, на островчињата, секојпат ме здрмува. И кога возам и сега пеш качувајќи се солзи ми навираат,а не знам зошто. И воздухот е тука друг. Лесен , благ. Тивко ветре носи тишина. Пораки од дамнина. Го гледам. Душата ми затреперува. Бескрајно синило. И горе и долу. Необјаснива блажина ме обзема , ме опива, та летнувам удолу да го стигнам , да го дофатам, да ги брцнам нозеве во ладните води бар до колена. И трчам, верето ме шиба, но насмевката неможе ништо да ми ја симне. И пак го имам она истото чувство дека знам што мислел Константин  кога ја пишувал Т’га за  југ. Долу сум веќе. Планината онака красива остана таму горе, а јас веќе газам по песокот на Љубаниште. Бликам од среќа. Моите нозе газат врз света земја, каде и да се свртиш , каде и да се опулиш. И продолжувам така бос, по плажата , низ плитката вода цапам и со молитва во срцето одам кон него. Блиску е , го чувствувам , а и со очи врзани ќе го видам. Манастирот на Свети Наум. За оние коии не знаат една од двете најсвети точки на ова парче земја.  И другата е тука на другиот крај надвисната над езерото. Тивко влегов во манастирчето. Молитва и се станува можно. Лебдам чинам. Овде може човек може без проблем да разбере колку е мал,а ни приближно колку е големината на Бога. Излегувам и се обѕрнувам лево десно и навистина сегде је божева хубавина. Не ми се бега . Со часови само седам и убаво ми е. На стемнување ќе тргнам си реков. И така би. Сонцето падна зад планините отаде Подградец и тргнав. Не помина многу време, а јас не знам каде сум. Збунет изгубен . Чудни работи пулам. Зданија за мене грозни , неприродни, невклопени.Ми ја поганат земјичката.  Во Oхрид мој сум ли? На друг континент? На друга планета? Објаснение барам. Сретнувам еден селанец, задоволен презадоволен, од џебот ми вади туфка пари и ми вели : Нови времиња , нови луѓе, нови згради, многу пари. Почнува да ми се разјаснуваа. Па тоа е она за кое толку многу се говореше. Нешто со Индија.  Избезумен бегам. Не преку Галичица, не сакам да се вртам, уплав да фанам, та право на Охрид. Сакам да го најдам мојот пријател Д., да го видам, збор утешен да ми проговори. Туристички работник е , со семеен бизнис и мислам далеку поуспешен од оние инфицирани стручни лица кои аплаудираат на елитниот туризам. Бегам се уште и Љубаниште  не го гледам веќе. Д. Не го најдов , носел група странци во Пустец, на вечера, на риба мислам под вршник печена. Како пред 10 века и згора. Но се сеќавам добро на неговите зборови пред деценија цела. Оние што идат од странство не идат за луксуз, за кавијар. Тие идат да го почувствуваат она автентичното, да апнат од земјено грне, да ги посетат светилиштата. Она што глобализацијата им го одзеде неповратно. Животот онака вистински го љубат. И пак сликата со селанецот со многуте пари. И пак се плашам. Зарем народот кој си го продаде идентитетот за десетка со кромид , кога ќе заиграат милионите нема ли да си ја продаде и душата. На кој? Е тоа најдобро го знае другарот ми М. кој има поминато по тие казина пола од својот живот и вака ми вели. Таму е злото, со таа работа не оди ништо друго сем злото. А , со него и ѓаволот лично. Со коцката и парите неразделни се дрогата, проституцијата , лихвата , оружјето. Чии деца ќе се проституираат таму? Чии ќе се дрогираат? Чии семејства ќе одат јабана? А, демек ќе уживаат во лажниот и виртуелен свет на сатаната. Не е за радување. Радоста кратко ќе ни трае. Кој не видел не знае. Пот студена ме облива додека овие зборови на М. ми одѕвонуваат во главата. Стигнав во Охрид и право летам кон стариот град , таму ми е најубаво . Полека веќе одам , мислите почнуваат да ми се средуваат. Ќе пратам апел за разум си велам. Ќе ме разберат. Тоа се надевам. Крај Света Софија вода се напив. Продолжувам угоре . Прво на Свети Јован Канео и оттаму прекутрупа горе на Плаошник На Свети Климент.  И се молам да надвладее доброто, да не остават да си живееме како од памтивек. Да си ги пречекуваме добронамернмиците и поклониците кои и натаму ќе идат. Можеби не со мноигу пари, но не е среќата во нив. Ни малку. Има една стара поговорка која вели : Кој со натемаго тикви сади , ѓаолот му очи вади. И пред да тргнам за на пат далечен за накај дома седнувам на тремот од Свети Климент.Се загледувам во далечината. Полна месечина е. Се јасно се гледа. Во Ерусалим на Балканите , во овој  град кој за стотици милиони Словени е светиња, од првиот пат кога стапнав се чувствувам како дома. И милиони други кои го посетиле сигурно го делат истото чувство. Езерската шир мистично блеска под месечевата светлина. Ми идат спомени од детството. Екскурзија . Деца во друг систем на посета на Свети Наум. И еден по еден ја ставаме главата на гробот во кој почива Светиот Наум. И сите слушаме так-так-так. И учителката Вера така режимски ни објаснува. Велат тоа е срцето на Свети Наум , но тоа нели науката вели дека долу има пештери , па брановите чукаат во такт. Ние пак збунети заминувавме. Години минаа бајаги. Тргнав накај дома . Пат долг ме чека. Светло е. Полека ќе стигнам утре на пладнина. Тик-так-тик-так. Ми ѕуни во ушите. По толку години полека ми се разбиструва. Срцето на Свети Наум само ми потврдува дека ние сите и со милијарди зелени и со не знам со што ли уште ли не, пред Бога, пред Неговата големина во која нема ни простор ни време, а камоли евра и долари,  сме, со се мене заедно само едно мало ништожно

                                                              Никој и Ништо.                                                                  

No comments:

Post a Comment