Friday, May 30, 2014

КОМУНИЗМ, ТУРИЗАМ И РЕНЕСАНСА


                                             

 

 

     Па, поприлично време помина од екскурзијата во сега туѓа држава, во град и не така голем, но тоа што ми се случи го паметам и ќе го паметам до крајот на животот. Во строгиот центар, пред очите на стотици мештани, ме нападнаа насилници и ми го зедоа јадењето од раце. Парите ми ги ги куртули другар ми Јове. Никој од мештаните не мрдна со прст. Никогаш повеќе не се вратив. Ниту имам намера. Тоа место е избршано од картата на светот во мојот мозок.

Константин е Грк, и пријател ми е. Населен уште како дете во како што и самиот го нарекува Лерин, па бил години во Австрија, земјата на културата, па сега мирно си ги живее пензионерските денови  во стариот крај. По малку е и фанатик на теми од историјата, но сепак  колку толку зборува нашки, обожава македонско и вино и ракија и чушки и френки што би рекле струмичани. Жена му Германка од Австрија посетува македонски фризери, шминкери, руча во македонски ресторани. Катадневно.

 Кога шетам низ стариот дел на градот од Пелистер, секојдневно гледам сè повеќе странци. Не се онакви луксузни како што што посакуваат (не)народните избраници, ама најважно носат фотоапарат и сликаат. И сепак оставаат по некоја пара.  И морам  да забележам дека маркетингот на Владата за привлекување на туристи дава резултати. Барем во градот на конзулите, како што нели милува(ме)ат да го нарекува(ме)ат. А, во последно време сме и цел на маркетиншки пропаганди со цел да ги  елеминираме некои негативни појави во македонскиот туризам. И за поздравување е. Но опфатено ли е сè?  Ај ќе се навратиме на  (таканаречениот) град на конзулите.  Или самонаречениот можеби подобро ќе му прилега. Со што ли може да привлечи туристи град 180 километри длабоко во континентот, без езеро како Охрид на пример? Неговата историја најверојатно.  А, како ли ќе ја видиме неговата историја. Низ старата архитектура, низ спомениците на културата и слично. Хераклеа е нешто магично, но сама по себе тешко дека би била магнет за  туристи. И  да напоменеме дека Битола светска слава стекна 22-23 века по Хераклеа. Чинам дека и по тој период е многу многу попозната и меѓу историчарите и меѓу писателите и патеписците. Таа е ( или беше) живо филмско студио и затоа се срамам кога некој сака да гради студио, вештачко нели, а со половина или помалку од тие пари може да се ревитализираат сите тие посебнни градби. Имам начекано во старата чаршија студенти од Јапонија, на архитектонски факултет кои ја цртаа и прецртуваа секоја градба, та од внатре, та однадвор. Беа воодушевени . И се срамам кога некој многу одговорен, јавно, во локален весник ќе каже дека дошле некои филмаџии, од не знам каде, кои барале локација која ќе личела на стара чаршија, ама тоа немало да биде Старата чаршија!? Ало, се слушате ли што зборувате? Кој е одговорен? Кој е одговорен за сите тие нови фасади, дречливи бои, пластични дограми, климатизери кои висат на сите страни?  Се срамам и кога една манифестација како  Малиот битолски монмартр е потполно маргинализирана. Па знае ли некој колку таа манифестација го има афирмирано градот, неговата архитектура, а и државата во крајна линија? Се срамам кога таму можеш да најдеш цела ергела на најлулксузни коли на градските моќници под чија тежина пукаат гранитните плочки. Нив ли ќе ги фотографираат туристите? Се срамам и кога подолу полицаецот наместо казна ги потчукнува по рамото. Фактор се.   А, асфалтот овде стана врв на технолошкиот развој. Па така, набрзина наместо да ја поправат старата калдрма која и те како му прилегаше на дел од централното градско подрачје, тие одма турвај асфалт. А , калдрмата завршила во нечии вили. Ова не го тврдам, ама така се шушка. Ај, ќе проголтам што ја извадија, ама деновиве пак ја редеа. Се снима некој филм.  Не знам кој направи поголемо злодело.  Дали оние кои на крајот на Втората светска војна пукаа главно во воздух и потоа убедувајќи нè дека нè ослободиле станаа некој и нешто, та после демек да се славеле тие и нивната, нели, таканаречена голема победа, а изрушија повеќе од половина од старото историско јадро или пак се повиновни овие кои продефилираа последниве две-три децении и го запустија она што овие претходно се смилуваа и го оставија. Чудна работа, та и тогаш та и денес чинам одлучувачки за било што бил истиот феномен – сопствениот „џеб“ . Што би се рекло ендемски урбанизатори овој грабатори.  Се срамам и што градот се сведе на една и единствена улица која патем сè уште го носи името на маршалот и има негова биста која ѕирка од нечиј двор, па иако е дивоградба никој не ја отстранува, ама сега си го има и Филипа на коњ или магаре кој моментално е затскриен односно замаскиран  бидејќи не се вклопува во нечие филмско сцнарио. Немам против никој и ништо, ама некако не ми одат со амбиентот.  Два споменици, ама и две канти за отпадоци за два километри улица. За Гинис. Ама нон стоп си има паради на кичот и на невкусот. А, градот во времето на големата слава имаше улица  на клавирите. Ама денес на секој чекор по ова главното сокаче, а и на околу ечи турбо фолк. Српските ѕвезди полнат сали и дискотеки и тоа за добра сума, а на концерт на еден Драган Даутовски квартет со вокал Александра Поповска, кој го нема на Балканиве едвај сто и петшеесет души и тоа со бесплатен влез. Се срамам кога едната и единствена специјализирана книжарница (другите кубурат со фотокопирање ) зјае најчесто празна или ако има некој  прво помислуваш дека е турист . Ама пак кладилници никнуваат како печурки по дожд, додуша отровни, ама ред се чека. И место книги сега народот чита таканаречен БИЛТЕН. Еве можеби ќе тргне некој обложувачки туризам. И така културата почнува да се продава на кило, налик на компири. Како е можно? Па така, се бројат само настаните. Квантитет, квантитет, батали квалитет. Сè е статистика Овде сите приватни иницијативи од областа на културата и туризмот најчесто се осудени на пропаст бидејќи, ај никој што не ги забележува , туку им одмагаат наместо да им помагаат.  Кога  ќе ја чуеш  фразата градот на конзулите, прво што ми паѓа на памет и мене, а си претпоставувам и на оние намерниците кои сакаат да го посетат е - па овде мора да биде беспрекорно чисто. Е треба, ама  ѓубре на сите страни. Законот за јавна чистота тука не постои и за информација најмногу си го крши локалната власт. Прошетајте по пазариштето ако не ми верувате. Ќе најдете и каросерии на среде град, и канделабри искршени и депонии. А, и тука туристите доаѓаат. Ама и тука и низ чаршијата, со втората работа после ѓубрето со која ќе се соочат  е  пресретнувањето од  ендемскиот одбор за пречек. Три - четворица добро извежбани арамии. Главна цел им се туристите. Ем се најчесто за еден ден, а и не прават проблем за стотина евра и скоро никогаш не пријавуваат. Ама никогаш нема повеќе да се враатат, како што и јас нема да се вратам никогаш повеќе во местото кое што го споменав на почетокот. И не се срамам толку од нив, колку од надлежните кои го толерираат.  И тоа со години, години! Истите та истите. И полицајци кои сакаат само привилегии и единствено што прават е броењето на бенифицираниот стаж. Се срамам и од оние инспектори и обвинители и судии кои наводно не можеле да судат за ситни кражби.  А на толку сколија не се потрудија барем да го научат кривичниот законик и членот 236, бидејќи ако го знаеја овие ендемски пречеклии одамна ќе беа истребени. Се  срамам кога додека овие крадат други подолу се смеат, трети велат арно им направија на грчиштава или што и да се. Не мразет тоа европејците. Потаму некој заразен со еурофобија, друг со тендерофорија. Двајца се секираат кој ќе биде претседател на месен комитет и дали некакви списоци ќе поминат. Друга група кова план да се врати на власт. А, никој нити ендемските пречеклии нити туристите ги забележува. И ако ги прашате зошто , просто ќе Ви одговорат дека не им е гајле. Ама имаат амбиции да го водат демек градот. Ама откако ќе си го подзатоплат џебчето можеби и ќе мислат на проблемите. Ако во меѓувреме не ги нападне хистерична желба да го подзатоплат и задното и малото. Џебиште. Двајца полицајци кога ги видоа, главата си ја свртија.  Важни им се бенефитите. Одговорноста ќе ја остават за генерациите во иднина. А, таа гледам бајаги темна ќе биде.

Ај , сега ќе се вратам на Константин. Пред некоја недела ендемските пречеклии и него го начекале на тесно и го олесниле за 15 евра и некој денар плус. Не пријавил во полиција, како и грото. Што ќе се нервирал уште повеќе, ми рече и ми вети дека ќе си ги опули очите во иднина. И сега тој Грк (ова го нагласувам бидејќи мнозинството ги доживува како непријатели) многу добро знае дека Битола во минатото била регионален центар, па и тој така ја доживува. Како што напоменав на почетокот и како трговски центар, а согласно тоа очекува да биде и културен центар. И пред две - три недели дошол кај една наша заедничка пријателка и ја замолил да му набавиме програма за културните активности во текот на ова лето. И јас барам информации во Општината и оттаму ми велат:  - „Нема“. И јас целиот со прашалници,  го затворам телефонот и не можам да верувам. Тие немаат програма ни на македонски, а камоли на грчки и на англиски.  Сè уште била во планирање. Не можат да го разберат она што еден Грк го знае. Мора прво и основно да се врати на голема врата како регионален центар, да ги привлече луѓето од регионот,  а потоа се ќе биде поинаку.

  Е, со вакви се соочуваме со децении. Се срамам од речиси сите досега избрани функционери било локални било заминале за  државни. Се изредија и доктори и магистри, на кои поважно им е она др,  мр, од сè останато. Им се хранеа суетите.  На грото од  прва мисла им е како во даден момент да се преселат во метрополата, а не да работат за сопствените избирачи , комшии , другари... Не Ви се верува? Еден куп и бивши градоначалници, министри , пратеници станаа жители на Скопје. Тоа се вика морал.  Се срамам и од оние осуммина пратеници кои пред извесно време се жалеа преку национален медиум дека се на работ на социјални случаи!? Е, да не беа тие можеби ова и никогаш немаше да го напишам. Највпечатливо од сè ми беше дека едниот од нив запослил 500 души. Како? Со измислување, а не со креирање работни места. И сега тој истиот имал голема желба да се врати на чело на една опозициска партија, а со тоа и да се надева дека пак ќе си ја поврател моќта. А, едниот од нив своевремено директорувајќи и стопанисувајќи со простор во строгиот центар, така го поднови што сега убавината која ја турна можеме да ја гледаме само во филмот Караула. Лудило ни се водачите. Ама во овој случај со овие,најмногу се срамам од себеси што гласот сум им го давал на вакви неспособни личности. А, бре оној што не е кадарен да си го обезбеди лебот, држава ли ќе води? На кое ли дереџе спаднавме. А, се срамам и од новинари кои продаваат вакви демек сензационалистички приказни , а всушност се обидуваат да ни продаваат , што би рекол Цацко, м....а за бубрези. И си велам белким ќе дувни некое ветриште ( бидејќи бран не може, ем сме далеку од морето, ем бајагички на високо) па така скоро сите овие избрани и овде споменати  да ги крени и да ги однеси некаде далеку , еве да речеме во Амазонија, за да помине некое извесно време дури да го најдат патот за назад. Ама прво ќе мора да ги подисплачиме кутрите Индијанци кои ќе им наидат на патот. Знаејќи ги нивните можности на превртливост и оригиналност, прво ќе им се наметнат за поглавари, па наскоро ќе им ја опустошат и културата и традицијата, и на крај ќе ги остават и без оние два листа кои им служат за облека. Не дека им треба, ама да им се најде за секој случај.  Избран функционер треба да биде патриот, а патриотот треба да ги решава реалните проблеми на своите сограѓани, на својот народ. Не е патриотизам ако немаш двојно државјанство, раскажуваш митови, а работиш само за себе.

Прифаќам и поздравувам медумски кампањи за подршка на добрите нешта и за елеминирање на штетните појави во општеството, но не можам да прифатам форсирање на кадри како горе опишаните. Ако немаме, фер е да ни се соопшти, па секој да си го бара чарето. Јас еве на пример фасциниран од филмот „Боговите паднаа на теме“ би заминал за Калахари.

И на крај за насловот. Па и е апсурден, а и нема врска. Затоа што во ова општество се расправа за работи кои немаат врска, нема проток на идеи, нема дискусија за големи нешта,  па така и со ваков наслов гарантирано и читаноста ќе му биде многу поголема, па белким ќе го прочита некој кој треба. А, апсурдно е и како целата гореопишана ситуација. Како што е апсурдно  учениците едвај завршуваат основно и средно, ама пак факултетите им одат како подмачкани. И апсурдно е ако имаш толкава реална интелектуална сила , да имаш апсурдни проблеми како овие ендемските. И апсурдно е да сакаш да развиваш креативни технологии кои во крајна линија се тесно поврзани со туризмот, а изборниот  предмет Творештво на учениците им се наложува да не го избираат бидејќи секако нема да се учи затоа што нема „услови“. Сè е апсурдно. Да бев женско сигурно ќе се чувствував како Алиса. Да, да. Онаа од земјата на чудата.

No comments:

Post a Comment