ЛИЦЕ В ЛИЦЕ
Дождот престана да паѓа. Онака кога никој и не се надеваше.
Со недели наназад беше упорен катаден .
А,чекавме пролет . И би. Одненадеж облаците се разбегаа .Небото се отвори.
Доцна по пладнето конечно ѕирна и зрак светлина. И Сонцето го видовме . Кратко траеше
, но беше убаво. За нецел час откога конечно излезе,падна таму некаде зад
врвовите на Пелистер. Квечерината, заедно со ветрецот се спуштаа од планината
накај Битола. Градот и онака пуст и празен , со дождот , со денови и денови изгледаше
бетер. Но , вечерва смена . Во центарот
беше раздвижено . По улицата, која за некои е најамбиентална на Балканот , а за
други најкабадајска , која до вчера носеше име на браваромаршалот, а битолчани
од памтивек си ја викат Широк Сокак , луѓе се слеваа од сите околни улкчки.
Кафетериите кои до вчера зјаеа празни, ноќва очигледно колку толку ќе го
намалат минусот кои го ѕидаа во влажните денови. И по улицата подвривнуваше.
Повеќето убаво, по последна мода облечени , парадираа горе-долу . Во целата таа
слика, нешто отскокнуваше .Средовечна жена , на околу четирииесет години ,со
плава и права коса , не многу долга , мал дел и подврзана , многу скромно
облечена , водеше момче за раката .Забележителна и беше насмевката . Искрена .Момченцето
со неа немаше повеќе од шест седум
години. Којзнае дали имаше и толку. Симпатично , кратко потсрижено со сини
крупни очиња кои се пулеа неодредено во далечината. Цврсто ја стискаше мајка си
за раката небаре некој ќе истрча и ќе ја грабне. Таа префлила торба преку
рамото, плетена , од оние кои веќе тешко се наоѓаат , сем во некоја
антикварница и која повремено ја поткренуваше и поместуваше. И натежнуваше .На
небото , кое за кратко време се трансформираше во многу нијанси на сино, за на
крај да добие боја на индиго, веќе се беа појавиле првите ѕвезди. Со темнината
, дојде и студот. А, луѓево кои ја чекаа пролетта веќе месец цел , не мрдаа ,
ладното ветре не го чувствуваа . Занесени во разговорите за чуждите судбини ,
во смартфоните , некои веќе го пиеа второто кафе, а некои се уште шетаа од
едниот крај до другиот . И мајката со детето се уште се пробиваа низ гужвите .
Онака цврсто стегнати рака в рака.Пред првата кафетерија подзастанаа. Со левата
рака,онаа слободната , мајката пробуричка во плетеното торбе и нешто изваде .
Продолжија. Застанаа на првата маса , нешто проговори и за неколку секунди само
се заблагодари и со истата насмевка , продолжи и на втората и на третата и...
Продолжи понатаму ,десеттина метри подолу. И подолу ,и подолу... Седнатите на
масите збор не проговоруваа . Само нишање на главата . Толку . Телевизорите насекаде
беа на истата фреквенција . Истиот натпревар . Само билтените по масите се
разликуваа. Мајката и момченцето никој не ги заприметуваше. Едно друго
момченце, со долга косичка, палво го влечакаше татка си наваму натаму. Цело
време потскокнуваше . Таткото иако целата енергија ја имаше насочено кон
синчето , му паднаа в очи мајката со искрената насмевка и момчето со најубавите
очиња и неодредениот поглед во далечината. Ги беше заприметил уште кога го извади
синчето од дома на прошетка после дождот. Минаа од тогаш повеќе од два часа.
Беа во паркот , во игротеката , во книжарницата. Додека купуваа ѓеврек во
фурната карши католичката црква , повторно му паднаа в очи . Набрзина плати и
му потшепна нешто на синот. Тој палавко, се насмеа и потрча. Таткото го стигна
, го дофати за рака и продолжија. За кратко ги пронајдоа. Повторно од маса на
маса , мајката најљубезно прашуваше и се заблагодаруваше . Заминуваа кога некој
и довикна:
-Се извинувам госпоѓо , тоа во рацете , го
продавате ?
-Да, -кратко
одговори. Чини само 100 денари.
-Дајте ми едно. Несвесно
го спушти огледот кон момчето , а тоа првпат ноќва се пулеше одредено . Го
гледаше право в очи .
-А, ти малечко
сакаш ли ѓеврече? Го зеде ѓеврекот од син му , го скрши на две и им го подели.
Детенцето , само се насмевна и почна радосно да вика:
-Ѓеврече , ѓеврече , ѓеврече ....Потскокнуваше
. Мајката збунета , но сепак со онаа иста искрена , од сесрце , насмевка им
рече :
-Вие нам толку ,
Господ Вам многу повеќе . Се насмевнаа и заминаа . Синчето почна да го трга :
-Тато , сакам
сладолед. Го влечеше. Гужва. По кафетериите истата слика . Истата фрекфенција .
Истиот натпревар . Билтените различни .
Некои веќе туфкаат. Пак промашиле за една утакмица. Музиката трешти. Од
плоштадот се слушаат тапани и зурли . Некои се уште слават . Постизборно .
Тргнаа накај Градскиот саат . Се сврте . Со погледот ги бараше накај Камен Мост.
Се изгубија во толпата. Погледна во она што го купи . Списание. Заглавието го завиде во темнината .ЛИЦЕ В ЛИЦЕ . Така пишуваше
.Број 009 , година втора. Цена 100 денари . Половина добива продавачот. Синчето
, на некои две години го водеше . Од сите страни луѓе , убаво облечени .
Начешлани . Намирисани . Надоаѓаа . Музиката ечеше . Испомешана. А , него во ушите му одзвонуваше : ѓеврече .
ѓеврече , ѓеврече...
No comments:
Post a Comment