Friday, May 30, 2014

КОМУНИЗМ, ТУРИЗАМ И РЕНЕСАНСА


                                             

 

 

     Па, поприлично време помина од екскурзијата во сега туѓа држава, во град и не така голем, но тоа што ми се случи го паметам и ќе го паметам до крајот на животот. Во строгиот центар, пред очите на стотици мештани, ме нападнаа насилници и ми го зедоа јадењето од раце. Парите ми ги ги куртули другар ми Јове. Никој од мештаните не мрдна со прст. Никогаш повеќе не се вратив. Ниту имам намера. Тоа место е избршано од картата на светот во мојот мозок.

Константин е Грк, и пријател ми е. Населен уште како дете во како што и самиот го нарекува Лерин, па бил години во Австрија, земјата на културата, па сега мирно си ги живее пензионерските денови  во стариот крај. По малку е и фанатик на теми од историјата, но сепак  колку толку зборува нашки, обожава македонско и вино и ракија и чушки и френки што би рекле струмичани. Жена му Германка од Австрија посетува македонски фризери, шминкери, руча во македонски ресторани. Катадневно.

 Кога шетам низ стариот дел на градот од Пелистер, секојдневно гледам сè повеќе странци. Не се онакви луксузни како што што посакуваат (не)народните избраници, ама најважно носат фотоапарат и сликаат. И сепак оставаат по некоја пара.  И морам  да забележам дека маркетингот на Владата за привлекување на туристи дава резултати. Барем во градот на конзулите, како што нели милува(ме)ат да го нарекува(ме)ат. А, во последно време сме и цел на маркетиншки пропаганди со цел да ги  елеминираме некои негативни појави во македонскиот туризам. И за поздравување е. Но опфатено ли е сè?  Ај ќе се навратиме на  (таканаречениот) град на конзулите.  Или самонаречениот можеби подобро ќе му прилега. Со што ли може да привлечи туристи град 180 километри длабоко во континентот, без езеро како Охрид на пример? Неговата историја најверојатно.  А, како ли ќе ја видиме неговата историја. Низ старата архитектура, низ спомениците на културата и слично. Хераклеа е нешто магично, но сама по себе тешко дека би била магнет за  туристи. И  да напоменеме дека Битола светска слава стекна 22-23 века по Хераклеа. Чинам дека и по тој период е многу многу попозната и меѓу историчарите и меѓу писателите и патеписците. Таа е ( или беше) живо филмско студио и затоа се срамам кога некој сака да гради студио, вештачко нели, а со половина или помалку од тие пари може да се ревитализираат сите тие посебнни градби. Имам начекано во старата чаршија студенти од Јапонија, на архитектонски факултет кои ја цртаа и прецртуваа секоја градба, та од внатре, та однадвор. Беа воодушевени . И се срамам кога некој многу одговорен, јавно, во локален весник ќе каже дека дошле некои филмаџии, од не знам каде, кои барале локација која ќе личела на стара чаршија, ама тоа немало да биде Старата чаршија!? Ало, се слушате ли што зборувате? Кој е одговорен? Кој е одговорен за сите тие нови фасади, дречливи бои, пластични дограми, климатизери кои висат на сите страни?  Се срамам и кога една манифестација како  Малиот битолски монмартр е потполно маргинализирана. Па знае ли некој колку таа манифестација го има афирмирано градот, неговата архитектура, а и државата во крајна линија? Се срамам кога таму можеш да најдеш цела ергела на најлулксузни коли на градските моќници под чија тежина пукаат гранитните плочки. Нив ли ќе ги фотографираат туристите? Се срамам и кога подолу полицаецот наместо казна ги потчукнува по рамото. Фактор се.   А, асфалтот овде стана врв на технолошкиот развој. Па така, набрзина наместо да ја поправат старата калдрма која и те како му прилегаше на дел од централното градско подрачје, тие одма турвај асфалт. А , калдрмата завршила во нечии вили. Ова не го тврдам, ама така се шушка. Ај, ќе проголтам што ја извадија, ама деновиве пак ја редеа. Се снима некој филм.  Не знам кој направи поголемо злодело.  Дали оние кои на крајот на Втората светска војна пукаа главно во воздух и потоа убедувајќи нè дека нè ослободиле станаа некој и нешто, та после демек да се славеле тие и нивната, нели, таканаречена голема победа, а изрушија повеќе од половина од старото историско јадро или пак се повиновни овие кои продефилираа последниве две-три децении и го запустија она што овие претходно се смилуваа и го оставија. Чудна работа, та и тогаш та и денес чинам одлучувачки за било што бил истиот феномен – сопствениот „џеб“ . Што би се рекло ендемски урбанизатори овој грабатори.  Се срамам и што градот се сведе на една и единствена улица која патем сè уште го носи името на маршалот и има негова биста која ѕирка од нечиј двор, па иако е дивоградба никој не ја отстранува, ама сега си го има и Филипа на коњ или магаре кој моментално е затскриен односно замаскиран  бидејќи не се вклопува во нечие филмско сцнарио. Немам против никој и ништо, ама некако не ми одат со амбиентот.  Два споменици, ама и две канти за отпадоци за два километри улица. За Гинис. Ама нон стоп си има паради на кичот и на невкусот. А, градот во времето на големата слава имаше улица  на клавирите. Ама денес на секој чекор по ова главното сокаче, а и на околу ечи турбо фолк. Српските ѕвезди полнат сали и дискотеки и тоа за добра сума, а на концерт на еден Драган Даутовски квартет со вокал Александра Поповска, кој го нема на Балканиве едвај сто и петшеесет души и тоа со бесплатен влез. Се срамам кога едната и единствена специјализирана книжарница (другите кубурат со фотокопирање ) зјае најчесто празна или ако има некој  прво помислуваш дека е турист . Ама пак кладилници никнуваат како печурки по дожд, додуша отровни, ама ред се чека. И место книги сега народот чита таканаречен БИЛТЕН. Еве можеби ќе тргне некој обложувачки туризам. И така културата почнува да се продава на кило, налик на компири. Како е можно? Па така, се бројат само настаните. Квантитет, квантитет, батали квалитет. Сè е статистика Овде сите приватни иницијативи од областа на културата и туризмот најчесто се осудени на пропаст бидејќи, ај никој што не ги забележува , туку им одмагаат наместо да им помагаат.  Кога  ќе ја чуеш  фразата градот на конзулите, прво што ми паѓа на памет и мене, а си претпоставувам и на оние намерниците кои сакаат да го посетат е - па овде мора да биде беспрекорно чисто. Е треба, ама  ѓубре на сите страни. Законот за јавна чистота тука не постои и за информација најмногу си го крши локалната власт. Прошетајте по пазариштето ако не ми верувате. Ќе најдете и каросерии на среде град, и канделабри искршени и депонии. А, и тука туристите доаѓаат. Ама и тука и низ чаршијата, со втората работа после ѓубрето со која ќе се соочат  е  пресретнувањето од  ендемскиот одбор за пречек. Три - четворица добро извежбани арамии. Главна цел им се туристите. Ем се најчесто за еден ден, а и не прават проблем за стотина евра и скоро никогаш не пријавуваат. Ама никогаш нема повеќе да се враатат, како што и јас нема да се вратам никогаш повеќе во местото кое што го споменав на почетокот. И не се срамам толку од нив, колку од надлежните кои го толерираат.  И тоа со години, години! Истите та истите. И полицајци кои сакаат само привилегии и единствено што прават е броењето на бенифицираниот стаж. Се срамам и од оние инспектори и обвинители и судии кои наводно не можеле да судат за ситни кражби.  А на толку сколија не се потрудија барем да го научат кривичниот законик и членот 236, бидејќи ако го знаеја овие ендемски пречеклии одамна ќе беа истребени. Се  срамам кога додека овие крадат други подолу се смеат, трети велат арно им направија на грчиштава или што и да се. Не мразет тоа европејците. Потаму некој заразен со еурофобија, друг со тендерофорија. Двајца се секираат кој ќе биде претседател на месен комитет и дали некакви списоци ќе поминат. Друга група кова план да се врати на власт. А, никој нити ендемските пречеклии нити туристите ги забележува. И ако ги прашате зошто , просто ќе Ви одговорат дека не им е гајле. Ама имаат амбиции да го водат демек градот. Ама откако ќе си го подзатоплат џебчето можеби и ќе мислат на проблемите. Ако во меѓувреме не ги нападне хистерична желба да го подзатоплат и задното и малото. Џебиште. Двајца полицајци кога ги видоа, главата си ја свртија.  Важни им се бенефитите. Одговорноста ќе ја остават за генерациите во иднина. А, таа гледам бајаги темна ќе биде.

Ај , сега ќе се вратам на Константин. Пред некоја недела ендемските пречеклии и него го начекале на тесно и го олесниле за 15 евра и некој денар плус. Не пријавил во полиција, како и грото. Што ќе се нервирал уште повеќе, ми рече и ми вети дека ќе си ги опули очите во иднина. И сега тој Грк (ова го нагласувам бидејќи мнозинството ги доживува како непријатели) многу добро знае дека Битола во минатото била регионален центар, па и тој така ја доживува. Како што напоменав на почетокот и како трговски центар, а согласно тоа очекува да биде и културен центар. И пред две - три недели дошол кај една наша заедничка пријателка и ја замолил да му набавиме програма за културните активности во текот на ова лето. И јас барам информации во Општината и оттаму ми велат:  - „Нема“. И јас целиот со прашалници,  го затворам телефонот и не можам да верувам. Тие немаат програма ни на македонски, а камоли на грчки и на англиски.  Сè уште била во планирање. Не можат да го разберат она што еден Грк го знае. Мора прво и основно да се врати на голема врата како регионален центар, да ги привлече луѓето од регионот,  а потоа се ќе биде поинаку.

  Е, со вакви се соочуваме со децении. Се срамам од речиси сите досега избрани функционери било локални било заминале за  државни. Се изредија и доктори и магистри, на кои поважно им е она др,  мр, од сè останато. Им се хранеа суетите.  На грото од  прва мисла им е како во даден момент да се преселат во метрополата, а не да работат за сопствените избирачи , комшии , другари... Не Ви се верува? Еден куп и бивши градоначалници, министри , пратеници станаа жители на Скопје. Тоа се вика морал.  Се срамам и од оние осуммина пратеници кои пред извесно време се жалеа преку национален медиум дека се на работ на социјални случаи!? Е, да не беа тие можеби ова и никогаш немаше да го напишам. Највпечатливо од сè ми беше дека едниот од нив запослил 500 души. Како? Со измислување, а не со креирање работни места. И сега тој истиот имал голема желба да се врати на чело на една опозициска партија, а со тоа и да се надева дека пак ќе си ја поврател моќта. А, едниот од нив своевремено директорувајќи и стопанисувајќи со простор во строгиот центар, така го поднови што сега убавината која ја турна можеме да ја гледаме само во филмот Караула. Лудило ни се водачите. Ама во овој случај со овие,најмногу се срамам од себеси што гласот сум им го давал на вакви неспособни личности. А, бре оној што не е кадарен да си го обезбеди лебот, држава ли ќе води? На кое ли дереџе спаднавме. А, се срамам и од новинари кои продаваат вакви демек сензационалистички приказни , а всушност се обидуваат да ни продаваат , што би рекол Цацко, м....а за бубрези. И си велам белким ќе дувни некое ветриште ( бидејќи бран не може, ем сме далеку од морето, ем бајагички на високо) па така скоро сите овие избрани и овде споменати  да ги крени и да ги однеси некаде далеку , еве да речеме во Амазонија, за да помине некое извесно време дури да го најдат патот за назад. Ама прво ќе мора да ги подисплачиме кутрите Индијанци кои ќе им наидат на патот. Знаејќи ги нивните можности на превртливост и оригиналност, прво ќе им се наметнат за поглавари, па наскоро ќе им ја опустошат и културата и традицијата, и на крај ќе ги остават и без оние два листа кои им служат за облека. Не дека им треба, ама да им се најде за секој случај.  Избран функционер треба да биде патриот, а патриотот треба да ги решава реалните проблеми на своите сограѓани, на својот народ. Не е патриотизам ако немаш двојно државјанство, раскажуваш митови, а работиш само за себе.

Прифаќам и поздравувам медумски кампањи за подршка на добрите нешта и за елеминирање на штетните појави во општеството, но не можам да прифатам форсирање на кадри како горе опишаните. Ако немаме, фер е да ни се соопшти, па секој да си го бара чарето. Јас еве на пример фасциниран од филмот „Боговите паднаа на теме“ би заминал за Калахари.

И на крај за насловот. Па и е апсурден, а и нема врска. Затоа што во ова општество се расправа за работи кои немаат врска, нема проток на идеи, нема дискусија за големи нешта,  па така и со ваков наслов гарантирано и читаноста ќе му биде многу поголема, па белким ќе го прочита некој кој треба. А, апсурдно е и како целата гореопишана ситуација. Како што е апсурдно  учениците едвај завршуваат основно и средно, ама пак факултетите им одат како подмачкани. И апсурдно е ако имаш толкава реална интелектуална сила , да имаш апсурдни проблеми како овие ендемските. И апсурдно е да сакаш да развиваш креативни технологии кои во крајна линија се тесно поврзани со туризмот, а изборниот  предмет Творештво на учениците им се наложува да не го избираат бидејќи секако нема да се учи затоа што нема „услови“. Сè е апсурдно. Да бев женско сигурно ќе се чувствував како Алиса. Да, да. Онаа од земјата на чудата.

Tuesday, May 27, 2014

ПИСМО ДО ТЕТКА МИ


          Зраво тета.

Не знам зошто вака ти се обраќам. Но, отсекогаш полесно ми било да ги нафрлам зборовите на хартија, отколку да ги изговорам. Тешко ми падна веста за болеста која ете тропнала на твојата врата.Плачам. Не можам ни да претпоставам што сега се вртка низ твојата глава, какви се мисли прелетуваат, та поден, та на соне. И мене сенешто ми го тишти раетот. Често ми излегуваат пред очи , оние безгрижни денови, од  детството, кога катаден бевме заедно. Тогаш кога насмевката не се тргаше од твоето лице. Вие и тогаш сигурно имавте грижи, си знам денес по мене, но за мене тоа тогаш беше едноставно, среќа. Не се сеќавам кога на идилата и дојде крајот. Дали по најубавиот одмор кој го паметам? Оној крај езерото, под Галичица. Кога легнувавме на зајдисонце, а станувавме пред изгрејсонце. Малку пред ова првпат се соочив со материјализмот. Кога од последното летување како дете, се вратив и доживеав шок. За дунките. Оие двете, сигурно се сеќаваш, едната помала, другата поголема, во дворот позади куќата. Оние кои ме потсетуват на твоето име. На нив пораснав. Многу сакав да се качувам по нив како дете. И, едноставно ги немаше. Како да ги проголтала големата дупка ископана за темели за таму некојси дуќан. Со се сите мои спомени. Ми објаснувавте долго време со братот твој, мојот татко дека е тоа за наше добро. Дака детството ете завршува, дека ќе мора некогаш и од нешто да се живее. А, јас, тетко, и сега плачам за дунките. Не ми мирсаше на арно,а дунките опој ширеа. После одморот, најубавиот, чинам, тиквата пукна. Тогаш сударот со материјализмот беше страшен.Погубен. Ја изгубивме блискоста, лоши мисли ни го распарчуваа срцето. Ти се лутев. Признавам. Со години. Не можев да разберам што се случи. Бетонот и тулата изѕидаа ѕид во моето срце. Мртва материја. Да ја допреш, па да почувствуваш. Сивило. И одеднаш, од секојден дружба, почнаа да минуваат и недели и месеци до повторната средба. И пак истата пречка. Од бетон и тула. А, дунките, по кои еве пак солзи ми навираат, беа бар со живот исполнети. И рает имавме во срцата. Две децении и згора дунките ги нема. Дваест години бреме од немир носиме на плеќите. Знаеш кога ми подолесна? Кога пред некоја година ти простив. Можеби, зборот простив е и претежок, кога еве јас недостојниот не можам да судам дали некој згрешил , а згора на тоа и да му простувам. Те разбрав. Посоодветно е. Но уште мир немам. Соочени со злокобната боест, ова го пишувам со само една цел. Прошка барам. Да ми простиш за се. Кога еден ден сфатив дека тука не сме вечни, ами само патници, видов дека тулите и бетонот се само пречка. Да научиш да живееш е да научиш како да умреш. Така некако, еден голем светител го дефинирал животот. Тоа го разбрав. Да знаеш дека сум со тебе. Во оваа борба, како и да заврши. Еден ден ми рече:

Крајот од нешто мора да дојде. Солзи навираат. Прости ми. Те молам.

                                                Те прегрнувам. Се молам за тебе.

                                                                                                  Твојот внук, Васко.

Friday, May 23, 2014

ШТРКЧЕТО


Штркчето

Ден или два. Толку порано долетаа штрковите таа пролет. Селото, онака распослано со куќите раштракани ни в поле ни в планина, веќе се зеленееше. И дрвјата и почвата. Таму во височините, планината сè уште беше обвиткана во бело. Почнаа да си градат ново гнездо. На бетонската бандера. Тука се свија. Дрвената есеноска беше заминала во историјата. Со се гнездото. Она старото. Од лани, од преклани... Дојдоа од дистрибуција, ги преврзаа жиците, збрмчи пилата и ја фрлија како труп на тракторот. Повеќе од половина зјаеше надвор од приколката. И заврзаа некоја црвена шамија и ја одведоа кој знаe каде. Можеби во казан за ракија. Тетка Ели се радуваше. Бетонската беше поблиску до нејзиниот дом. Ги љубеше тие долгоклуни птици. Им се радуваше секоја пролет од кога паметеше за себе. И враќаа спомени од детството. Дури да се свртиш се вгнездија. Гранче по гранче, тревка по тревка и готово. Дојде некако поголемо од старото. Или само така и се чинеше.
Работите в село земаа замав. Штрковите си ја тераа својата работа, селаните својата. Топлината се чувствуваше во воздухот. Сè беше расцутено. Тетка Ели седеше во градината. Дрвјата беа завиткани во белило. „Ќе биде бериќетна година. Само Бог да не доварди “ си помисли таа. Низ гранките го здогледа штркот како долета во гнездото.
Деновите си врвеа. Наближуваше Велигден. Тие денови и мотиките мируваа. В црква, на гости, па дома гости. На јајце вапцано. На баклава. Празнично, весело си врвеа тие денови. А тие, птиците, таму горе во гнездото онака красиво облечени во бело, гордо исправени чиниш набљудуваа што прават луѓето таму долу. Недела помина, можеби и некој ден згора кога дојде приновата. Три нови главчиња ѕиркаа од леглото. Ги беа подзаборавиле со празниците. Целото маало им се радуваше. И младо и старо. Оние најмалите и најмилите по цел ден само за нив лафеа. Кај тетка Ели беа најсреќни. Им беа први соседи. Летото брзо дојде. Приквечерина беше. Сонцето беше паднало зад планината, само врвовите од спротива, преку рамницата, извиени до облаците сè уште сјаеа. На масичката на тремчето беа седнати речиси сите. Постарите. Ластовичките им летаа над главите и правеа влези излези во гнездата залепени под таванот. Под секое гнездо момчето на тетка Ели беше поставил ламаринчиња. Да не прават бербат. Децата, со се оние од комшилукот играа под крушата. Низ муабетот, некој се опули накај штрковите. Големите беа тука, но видоа само две мали глави. Се сепнаа. Тие денови заглавени во работа од утро до мрак не беа сториле ниет за нив. За малите. Се подгледнуваа меѓу себе. Ноќта полека паѓаше. Сабајлината заминаа рано. Тетка Ели се врати порано од нивата. Ручекот беше готов. Жештината ужасно притискаше. И беше жал за третото. Се погледна низ прозорецот и уште што не подвикна. Третата глава повторно беше тука. Со солзи во очите ги набљудуваше. По малку време, којзнае дали поминаа неколку дена, се и стана јасно. Третото не беше како другите две. Им ја кажа веста кога сите беа на софрата. Се чудеа. Како ли преживеало до сега? Како не го исфрлија од домот? Тие прашања им се вртеа во главите.
Летото навлезе во зенитот. Дожд од никаде. Барем ветрето од планината даваше сон во кратките ноќи. Секој ден го гледаа најмалото. Штркчето. Така си го завикаа. Такво име му дадоа. Штркчето. Другите две веќе ги научија да летаат. А, штркчето само си го ранеа и поеа во гнездото. Немаше сили, кутрото, да се вивне кон небото.
Свети Пантелејмон наближуваше. На големиот празник штрковите секоја година заминуваа. Без грешка. На најдолгиот лет. Тетка Ели се плашеше. Што ќе биде со штркчето, што ќе биде со него. Сè уште не леташе. Деновите брзо минуваа. Жештината никако не попушташе. Дојде и тој ден. Слетаа прво долу во ливадите на крајсело. Само четирите. Тука се беа собрале сите од околината. Како да се пребројуваа. Јатото замина. Штркчето остана. Го оставија. Само во гнездото на бетонската бандера. Во далечината јатото се црнееше на хоризонтот. Тетка Ели се сврте. Тивко пушти солза. Никој не ја виде.
Следното утро се опули на бандерата. Штркчето беше таму. Што ли ќе биде со него? Има ли јадење? Мисли безброј се вртеа во нејзината глава. И не само во нејзината. Следното утро пак беше тука. Омарнината беше неподнослива. И следното осамна. И пак така. Не се помрднуваше. На неделата точно се врати. Таткото. Така им се чинеше на луѓето. А, на тоа никој и не се надеваше. Радоста се врати на лицето на тетка Ели. И на сите останати. Отпочна. Од Гнездото на бетонската бандера до следната. Па назад. Го учеше да лета. Без одмор, со љубов. Еднаш, уште еднаш. Прво помали кругови околу гнездото, па поголеми. Па пак исто. Следниот ден повторно. Од изгрејсонце до зајдисонце. Ќе изгубеше контрола па ќе се спуштеше во бавчите. Па пак вивни се. Таткото не се откажуваше. Со смирение и внимание ја тераше својата мисла. Својот инстинкт. Својата љубов. Луѓето само поминуваа, застануваа и набљудуваа. Восхит ќе да беше тоа во нивните очи. По три дена се преселија во ливадата, онаа долу крај река, одма до нивата на тетка Ели. Само ендекот ги делеше. Таткото со ист жар продолжи со учењето. Штркчето напредуваше со неверојатна брзина. Круговите беа се поголеми.Тетка Ели цел ден остана на нивата. Со сласт копаше. Само на секој десетина минути инстинктивно ја креваше главата, ќе фрлеше поглед накај штркот и штркчето па со широка насмевка продолжуваше. И наредните неколку дена ги врвеа во истo, силно темпо. И штрковите и тетка Ели. Штркчето леташе се повисоко и повисоко. Беше некаде втората половина на Август. Летото никако не попушташе. Жега. Само се подолгите ноќи го навестуваа блискиот крај на летото.
Осамна ден како и речиси сите тоа лето. Небо синило. Облаче никаде на хоризонтот. Тетка Ели се разбуди пред зори. Куќата сè уште спиеше. Кафето го испи голтка по голка. Поддувнуваше. Дури не беше фатила омарнината сакаше да заврши на нивата. Никој не разбуди од домашните. И така тој ден сите имаа обврски ваму - таму. На пазар, низ градот. Бргу стигна. Малкумина сретна по патот. Во ливадата штрковите вежбаа. Беа поминале седум или осум дена од кога се врати таткото. Штркчето веќе леташе. И леташе. Денот го продолжија во истиот ритам. Само некако беше поинаку. Некаде околу пладне застанаа. И тетка Ели застана. Седна на меѓата, под сенката на тополата. Го крена стомнето со водата. Ладна и свежа како од извор сега наполнета, и се лизгаше низ грлото. Не планираше повеќе да работи. Гранките на јаболкниците во овоштарникот десно од неа веќе натежнуваа. Ги гледаше птиците. Нешто подготвуваа. Тетка Ели тргна накај дома. Во куќата вриеше. Сите се беа вратиле. Малечките час растрчуваа, час скокаа по скалилата. Пискаа. Штрковите слетаа во гнездото. Сите ги приметија. Штркчето, она некогаш малото и плашливото, не се препознаваше. Леташе како и оние кои заминаа пред повеќе од две недели. Братчињата. Во дворот јадеа лубеница. Сите седнаа. Од најмало до најстаро. Беше преблага. Сочна, крв алова. На децата глас не им се слушаше. Седнати на малите столиња со лактите потпрени на колената, јадеа. Цели фелки. Од устите им се цедеа капки сок. Им отворија работа на мувите. Им лазеа по носињата. Таа земја даруваше блажина. Штрковите во гнездото не седнаа. Во еден миг едноставно само замавтаа со крилјата и одлетаа. Не им беше дошло до лубеницата. Се одалечуваа праволиниски. Им беше јасно дека заминаа кај другите. Знаеја дека нема да се вратат. Ги пратеа со погледот додека можеа. На тетка Ели повторно и надојдоа солзи. Радосници. За штркчето. Она најмалото. Кое еднаш го прежали, а сега наеднаш ќе го чека догодина пак да и се врати. Стоеше стаписана како камен некое време. Влезе во куќата. Телевизорот ечеше. Децата ем го заборавиле, ем гласот го беа пуштиле до крај. Попладневните вести отпочнуваа. Спикерот најавуваше. „Малата Надица оста..“ Промајата ја бапна вратата од дневната соба. „Трассс”. Тоа се чу. Тетка Ели не се ни обѕрна. Занесено, веќе ги миеше чиниите.

Monday, May 19, 2014

ЛИЦЕ В ЛИЦЕ


                                                          ЛИЦЕ В ЛИЦЕ

 

Дождот престана да паѓа. Онака кога никој и не се надеваше. Со недели наназад беше упорен  катаден . А,чекавме пролет . И би. Одненадеж облаците се разбегаа .Небото се отвори. Доцна по пладнето конечно ѕирна и зрак светлина. И Сонцето го видовме . Кратко траеше , но беше убаво. За нецел час откога конечно излезе,падна таму некаде зад врвовите на Пелистер. Квечерината, заедно со ветрецот се спуштаа од планината накај Битола. Градот и онака пуст и празен , со дождот , со денови и денови изгледаше бетер. Но , вечерва  смена . Во центарот беше раздвижено . По улицата, која за некои е најамбиентална на Балканот , а за други најкабадајска , која до вчера носеше име на браваромаршалот, а битолчани од памтивек си ја викат Широк Сокак , луѓе се слеваа од сите околни улкчки. Кафетериите кои до вчера зјаеа празни, ноќва очигледно колку толку ќе го намалат минусот кои го ѕидаа во влажните денови. И по улицата подвривнуваше. Повеќето убаво, по последна мода облечени , парадираа горе-долу . Во целата таа слика, нешто отскокнуваше .Средовечна жена , на околу четирииесет години ,со плава и права коса , не многу долга , мал дел и подврзана , многу скромно облечена , водеше момче за раката .Забележителна и беше насмевката . Искрена .Момченцето со неа  немаше повеќе од шест седум години. Којзнае дали имаше и толку. Симпатично , кратко потсрижено со сини крупни очиња кои се пулеа неодредено во далечината. Цврсто ја стискаше мајка си за раката небаре некој ќе истрча и ќе ја грабне. Таа префлила торба преку рамото, плетена , од оние кои веќе тешко се наоѓаат , сем во некоја антикварница и која повремено ја поткренуваше и поместуваше. И натежнуваше .На небото , кое за кратко време се трансформираше во многу нијанси на сино, за на крај да добие боја на индиго, веќе се беа појавиле првите ѕвезди. Со темнината , дојде и студот. А, луѓево кои ја чекаа пролетта веќе месец цел , не мрдаа , ладното ветре не го чувствуваа . Занесени во разговорите за чуждите судбини , во смартфоните , некои веќе го пиеа второто кафе, а некои се уште шетаа од едниот крај до другиот . И мајката со детето се уште се пробиваа низ гужвите . Онака цврсто стегнати рака в рака.Пред првата кафетерија подзастанаа. Со левата рака,онаа слободната , мајката   пробуричка во плетеното торбе и нешто изваде . Продолжија. Застанаа на првата маса , нешто проговори и за неколку секунди само се заблагодари и со истата насмевка , продолжи и на втората и на третата и... Продолжи понатаму ,десеттина метри подолу. И подолу ,и подолу... Седнатите на масите збор не проговоруваа . Само нишање на главата . Толку . Телевизорите насекаде беа на истата фреквенција . Истиот натпревар . Само билтените по масите се разликуваа. Мајката и момченцето никој не ги заприметуваше. Едно друго момченце, со долга косичка, палво го влечакаше татка си наваму натаму. Цело време потскокнуваше . Таткото иако целата енергија ја имаше насочено кон синчето , му паднаа в очи мајката со искрената насмевка и момчето со најубавите очиња и неодредениот поглед во далечината. Ги беше заприметил уште кога го извади синчето од дома на прошетка после дождот. Минаа од тогаш повеќе од два часа. Беа во паркот , во игротеката , во книжарницата. Додека купуваа ѓеврек во фурната карши католичката црква , повторно му паднаа в очи . Набрзина плати и му потшепна нешто на синот. Тој палавко, се насмеа и потрча. Таткото го стигна , го дофати за рака и продолжија. За кратко ги пронајдоа. Повторно од маса на маса , мајката најљубезно прашуваше и се заблагодаруваше . Заминуваа кога некој и довикна:

   -Се извинувам госпоѓо , тоа во рацете , го продавате ?

   -Да, -кратко одговори. Чини само 100 денари.

    -Дајте ми едно. Несвесно го спушти огледот кон момчето , а тоа првпат ноќва се пулеше одредено . Го гледаше право в очи .

    -А, ти малечко сакаш ли ѓеврече? Го зеде ѓеврекот од син му , го скрши на две и им го подели. Детенцето , само се насмевна и почна радосно да вика:

    -Ѓеврече , ѓеврече , ѓеврече ....Потскокнуваше . Мајката збунета , но сепак со онаа иста искрена , од сесрце , насмевка им рече :

    -Вие нам толку , Господ Вам многу повеќе . Се насмевнаа и заминаа . Синчето почна да го трга :

     -Тато , сакам сладолед. Го влечеше. Гужва. По кафетериите истата слика . Истата фрекфенција . Истиот натпревар .  Билтените различни . Некои веќе туфкаат. Пак промашиле за една утакмица. Музиката трешти. Од плоштадот се слушаат тапани и зурли . Некои се уште слават . Постизборно . Тргнаа накај Градскиот саат . Се сврте . Со погледот ги бараше накај Камен Мост. Се изгубија во толпата. Погледна во она што го купи . Списание.  Заглавието го завиде  во темнината .ЛИЦЕ В ЛИЦЕ . Така пишуваше .Број 009 , година втора. Цена 100 денари . Половина добива продавачот. Синчето , на некои две години го водеше . Од сите страни луѓе , убаво облечени . Начешлани . Намирисани . Надоаѓаа . Музиката ечеше . Испомешана.  А , него во ушите му одзвонуваше : ѓеврече . ѓеврече , ѓеврече...