Tuesday, October 18, 2016

СИНО


Бескрајно. Или бескрајна. Погледот ми лета по хоризонтот, по небесната шир леко извезана со нежнoбела пајажина. Огнената топка плови по тоа море, брзајќи да го достигне зенитот. Тишината ми ја разубавуваат звуците на ситни крилати суштества кои летаат околу мене. Симбиозата од миризбите што се шири околу мене ми ги растреперува подзаспаните бразди во мојата глава. Спомени. Сончевите зраци кои галеа до скоро, почнаа да печат.
Така од нигде никаде понекогаш, како и во моментов, ме заплискуваат спомени за тетка ми Благуна, Бог да ја прости. Најстарата сестра на татко. Скината глава, често знаат да ми речат. И познатите, и за мене непознатите. Кутрата, се мажила многу мала, или поточно надумано, избегала од лошата ми баба, барем така велеа моите, низ шепот, по еднипати. Од градот, тука во центарот одма до пазарот, бегалка. Ни помалку ни повеќе, туку право на село. Баба ми, горда до немајкаде, никогаш не и простила, барем не онака искрено. Но, нејсе. Тетин ми Стојан бил троа постар од неа, но лажел пари. Кога им се родила првата ќерка, тој заминал на печалба на другиот крај од Светот, во Австралија. Такви биле времињата тогаш. Или и од памтивек биле?  Кој ли знае?
 Стојан се вратил по некоја година. И пак заминал.
По нецела година се родила мојата најстара братовчеда. Татко и ја видел некаде на нејзиниот втор роденден.
-Уште малку Благуна. Барем за една куќа во градот да спечалиме, тежок е животот в село и  самата гледаш.- и велел тогаш, на неговто трето заминување.
По девет месеци пак на Светот дошла женска челад. И таа татко си  го видела некаде околу втората година. И пак истиот муабет:
-Уште малку душо, уште малку. Да издржиме.
 -И по тие девет месеци Светот го здогледало девојче. Секое од слатко послатко. И пак така. Следното, претпоставувате веќе, повторно било момиче. Јана ја крстиле. Како и да е,  есента била длабоко навлезена, кога Стојан рекол дека му е последното заминување. Куќа во градот веќе купил, а и во селото имотите доста им се намножиле. Низ селото се шушкало и за куќи таму преку океанот.
Следното лето дошло уште едно  прекрасно бебе. Ана. Најмалата. Со најубавите очи на Светот. Со поглед кој те прокосува. Е, неколку години по неа почнале и првите свадби. Прво на најстарата ми братовчеда, па потоа како што носел редот. Па стигнало и првото внуче, па второто... И некаде со, чинам шесттото, мајка ми и мене ме донела на овој Свет. Со внуци постари од својата тетка. Тетка ми кога ме здогледала првпат почнала да плаче. Од радост. Сум била истата таа. Трчала од болницата до чаршијата беа да земе здив и право кај првиот златар. Првиот дар ми е од неа. Обетки. Уште ги чувам.
Семејството се ширело без застој. Внуците се множеле. Паметам од некои мои четири години. И првите слики што ми се врткаат во мојата глава се оттаму. Со многу деца, растрчани во широкиот селски двор. Со кокшките, козите, мачките... Кравата која тетка скришум ја молзеше бидејќи ние, градските деца, пиевме млеко само купено од продавница. И сега се смеам. Ќе ме грабнеше во рацете и трчаше низ нивите со мене. Мајка ми често и велела:
-Зарем не ти е мака? Малку ли ти се твоите?
-За секое дете имам посебно место во срцето. – кротко ќе вратела.
Тетинот, тазе дојден, ми стоеше многу чудно. Тогаш првпат го видов. Дали од шапката, од која никогаш не се и делеше? Рано наутро само ќе се насмевнеше и заминуваше на сретсело. Најчесто бистреше политика со старците кои бегаа од тешката работа во полето.
-Вие сте моето богатво.- знаеше често да изусти тетка ми. И кога ние со првите знаци на есента си заминувавме во градот, кај неа со сите тие мали и големи деца, претпоставувам никогаш не и беше досадно. Тетин ми се поретко доаѓаше. И секогаш го велеше истото:
-Овој пат е последен.
И тогаш, гледај чудо. Летото кога јас имав некои десеттина години, тетка ми Благуна ни најави дека и таа ќе замине преку големите води. Беше тоа лето како од бајките. Со игри и викотници. Со насмевки. Прво ги испративме штрковите, а нецела недела потоа и нив. Тетка ми. И Ана. Најмалата ми и најмилата братовчеда. Онаа во чии очи пливаше целата добрина на Светот. Тука некаде и завршија летата на село.
 Тетка ми не ме заборави. Поштарот редовно ме посетуваше. Растев со даровите од далечната земја. Годините врвеа. Еден ден се врати, за нас неочекувано, онака како што и замина. И пак насмеана и среќна. Полна со живот. Пред да заминат штрковите. Се собравме за куќната слава, неколку недели потоа. Пораснати деца на старото место. Смеа и среќа. Без викотници. Раскажуваше и слатко се смееше на нејзина сметка за нејзиниот живот во чуждина.
 Ја испративме на оној Свет после првите слани. Замина тивко, преку ноќ.
-Слатка смрт- велеа селаните на погребот. На нејзиното лице пред да го покријат ковчегот се читаше смирение. Знаела. Затоа и дошла. Лекарите и откриле неизлечлива болест. И тоа го примила смирено и со насмевка на лицето. Секогаш, а и сега кога Ви говорам за ова, плачам, а реки се слеваат по моето лице. Налик на пустиот двор на тетка ми, во селото на чекор од градот, во доцна есен кога ветерот од старата планина  си игра и ги тркала сувите треви.
Тогаш последен пат го видов. Тетинот. Остарен, збрчкан, со златен часовник на ковчестата рака. Замина брзо. Навистина за последен пат. Умрел неколку години подоцна.
На погребот, речиси и да немало никој. Само службите. И Ана. Најмалта, со најубавите очи на овој Свет, кои без да говорат толку многу кажуваат. Во кои можеш да ги видиш најголемите длабочини на океаните кои ги препловија и да го дофатиш небото кое го прелетаа толку многу пати, во потрага по нешто необјасниво и недопирливо.
Земјата на која лежам е мокра, како по летен од дожд, од пролеаните солзи. Погледот, иако заматен од влажните очи, се уште ми лета по небесната шир. Бескрајно сино.
Како нив.
Како неа.
Бескрајна.
Љубовта.

Monday, October 10, 2016

ЕСЕНСКА

А, кога есентта
Ќе тропне на портите,
Килим од
Златници
И пурпурни цветови
Ќе ти распостелам
Под нозете.
Толку умеам...

БЕЗИМЕНА

По небото
Ќе исткаам скалила
Од бели облаци
И по нив
Ќе се искачам
До младата
Луна.
Да бидам
Поблиску.
До звездите.
За да можам
Полесно да ти ги
Симнам.

Thursday, September 29, 2016

ОЧИ

Низ нив
навлегов.
Во ходниците
на чии тавани
сјаеа
разноцветни светлини,
налик на оние кои латините
ги вика aurora,
но тука
горешто е
И ме одведоа
до најтаинствените длабочини,
каде пиев
медена роса од изворот
на твојата
душа.

Sunday, September 18, 2016

СТИХОВИ

Нечии.
Не мои.

Ме сечат.
Па во недоглед
Над облаци,
Ме влечат.

Мигот следен,
Во бездна,
Без дно,
Тонам јас.

Лебдам,
Горе
По мирно и топло
Море.

В часот иден,
Во битка со мрачни и
Ледени води,
Јас сум виден.

След тоа,
Душата ми ја печат.
Потоа ја лечат.

Сон.
Немир.
Или обратно.

Рано утро.
Пак така.


Thursday, March 17, 2016

ТРАГИКОМЕДИЈА ВО ТРИ ЧИНА



СЛИКА1
Некаде на Балкните. На кејот на реката, очигледно надојдена, по неа пливаат илјадници пластични шишиња. Во далечината назира труп на мртво животно. Крупно. Чудни зданија начичкани крај реката. Од пукнатините ти намигнува стиропорот. Старонови. Толпа народ се збрала пред едно од нив. Шатори се гледаат. Пензионери, професори, даскалки, па до хигиеничари по јавни и државни претпријатија. Сложно тапкаат во место и апнуваат истовремено. И од другата страна на реката многу народ. Се надвиле облаци над градот. Сите се во некакво исчекување. И конечно после часови и часови нешто се помрднува кај влезната врата.И одеднаш се слуша аплауз, долг непрекинат. Извици на овации с слушаат далеку до планината. Излегува некој во некоја чудна наметка. Ја крева раката. Рајата се втишува. Човекот зњема мегафон и очигледно ќе им се обраќа.
ЏАЧ1: Народе чујте и почујте. Како што знаете нашата институција е верен чувар на системот и поредокот на оваа држава веќе 70 години.
( се слуша краток аплауз)
Денес извојувавме уште една голема, можеби и најглема победа во борбата со надворешниот, а верувајте и надворешниот непријател кој никогаш не спие.
Извици на восхит од напалениот народ се слушаат од сите страни. Пензионери паѓаат во транс. Се слуша завивачкиот звук на амбулантното возило.
ЏАЧ1: Да запееме во еден глас!!!!!
И одкнува песна.
“ Енглеска и Низоземска биче земја пролетерска.................”
Судијата се повлекува, а народот пее ли пее.

МРАК

СЛИКА2
Голема просторија. Полукругла маса. Убаво средена. Во центарот на замислениот круг стои еен прекрасно разгранет еден фикус. Луѓе во истите наметки се врткаат горе-долу.
ЏАЧ1 : Ми олесна.
Се гледа дека и на останатите им олеснало. Ја бришат потта од челата.
ЏАЧ2 : Ќе речам нешто. Да им е вечно името на другарите Сталин, Тито, Лазо и да се здрави и живи нивните верни подржувачи за нивното дело да живее вечно.
Се врти наоколу. Некој ја поднаведнал главата, но повеќето мафтаат со одобрение. Си саморакоплескаат.
СЛИКА3
Утрото се буди над градот. Толпата надвор е се уште тука. Водачот, така делува, сите го викаат Катарката*, зборува на мобилен. Автобусите се во близина, малку подолу наредени на кејот. Народот е изморен, ненаспан, но благодарение на големата победа ќе имаат слободен ден. И тоа платен. Катарката зема хармоника и почнува да пее.
КАТАРКАТА : Не може намнико ништа, јачи смо од судбине..........
Народот му се придружува.
На клупата во близина момче на триесеттина години осамено се гледа во далечините.
МОМЧЕТО : Германија чекај ме. Доаѓам.
Солзи му прокапуваат по образот.
Автобусите почнуваат да се полнат. Сонцето се појавува над планините.
        
МРАК .ПОТПОЛЕН.
*Катарката – по ликот од теталогијата на Димитар Талев