Friday, October 16, 2015

НЕДОЈДИЈА

                                                              
Одма ми паднаа во очи. Во целата врвулица со својата крепосна става и големите мустаќи, делеше од останатите. Атанас. Така се викаше. Како што самиот подоцна ми кажа. Крај него, Риса, дробна женичка, но со очи полни со живот верно му газеше по стапките. Во рака ја носеше Марија, којзнае дали имаше и година, која брзо го вртеше главчето на сите страни. Очигледно не беше видела толку луѓе. И двата одвреме навреме се подвртуваа наназад, барајќи го со поглед Ристе,синот, кој беше веќе на училишна  возраст. Вриеше како во мравјалник. Војниците воспоставуваа некаков ред. Ги насочија кон еден вагон, со кого пренесувале добиток, со две клупи од постраните, невешто и набрзина направени и на подот послан со нова слама. Застоената реа која се ширеше, воопшто не беше пријатна. Во вагонот сместија уште пет фамилии, сите поголеми од таа на Атанас. Чекаа да ги приклучат на композицијата која требаше да ги однесе во ветената земја, во полето кое белеело од овци. Така го толкуваа името кое сите тивко го шепотеа. Се стемни, но вагонот на Атанас не го приклучија. Папсани, сите испозаспаа кој каде стигна. Следното утро, композициите со вагоните продожија по некаков си ред. Сем нивниот. Кон пладне ги посети, познаа по чиновите, некаков си висок офицер. Климна со главата и отсечно им рече:
-Каде се овците?Не се токму на број. Додека не се најдат, вагонот нема да мрдне ни педа.
Патниците се погледнуваа меѓу себе полни со прашалници.
Десеттина дена претходно, неколку дена скитав низ планината. На многу високо. Овците беа тука крај мене. Песот ми беше единствената друшка. Се вртeвме низ густежот. На полјаните излегував колку да поткаснат овците. Само пресно измолзено млеко. Тоа беше храна за мене и за кучето. Само што запролети, сем трева ништо друго и немаше. Одвреме навреме ќе се искачев на карпата да видам што се случува во селото. Последното видение ме стресе. Ја  немаше маглината што се создаваше од волшебниот спој на топлата вода, која извираше од двете страни на селото, со студените води на реката. Не се гледаше од густите облаци чад кои се беа надвиле во долината. Куќите не се пулеа. Нозете ми се пресекоа. Цела седмица око не бев склопил. Дремнував пртостум, потпрен на стапот. Се стемнуваше кога песот почна да квичи и да се врти околу мене. Во далечината се гледаа силуети. Потскокнав. Тоа беа тие. Ристе потрча кон мене. Риса, иако премалена, не го пуштатше момичето од раце.Тоа мирно спиеше. Цел ден оделе. Само што седнавме и Ристе папса од умор. Риса се впи во мене. Солзите и течеа без престан, без глас. Само поток од солзи. Се разбудивме пред  зори. Карпата, сртот, се уште беа далеку. А, требаше да ги минеме по темно. Децата троа поткаснаа од сувиот леб наквасен со неварено, свежо млеко и тргнавме. Сонцето беше далеку на Запад кога стигнавме пред границата. Никакво движение. Штама. Но, останавме во шумата. Стравот, лозјето го чува. Дојдоа војници, тато. Многу беа. – ми рече Ристе. Се тресев од страв под дифтикот. Те бараа тебе. Мајка им рече дека те зеле некој од нивните. Се заканија дека пак ќе се вратат. Кога летна првото ѓуле и ја свитка на половина старата круша, се надоврза Риса, реков доста е. Цела стока ја испуштив. И кокошките и прасето и коњите. Магарето го носев со мене до бачилото на Иван. Па го одврзав. Зедов само една матарка со вода и еден леб и тргнав. Знаев каде ќе те најдам.
 По темното префрливме од другата страна на карпата, така си го викавме сртот од памтивек, каде сега е границата. Од тука за последен пат ја видов родната грутка. Нешто ме стегна тука, во грлото. Сакав барем уште еднаш да ја чујам песната на водите кои бликаат од сите страни. На другата страна повторно не сретнавме никој. Преспавме на едно затскриено местенце, колку да не се децата на провев.  Не знаев ни каде да одам. Ни ваму, ни таму. Го одбрав поблиското. Дури на следната приквечерина видовме луѓе. Не упатија понатаму, накај војската. Не сместија во манастирот, таму горе над градот, ми покажа со погледот. Следниот ден дојде некој како оној преѓески и ми рече дека од овците веќе нема да ми требаат. Ќе сме се ранеле од народен казан. Да не сме се мачеле. Ми го сруши Светот. Јас друго ни знаам, ни умеам. Не заплакав ни за куќата, ни за родата. А, за нив... Вечерта не можев да спијам. Излегов надвор. Во дворот на манастирот немаше никој. Влегов во црквата кришум. Вратата и дење и ноќе стоеше отворена. Се прекрстив и се помолив и исто така со дикат излегов. Никој да не ме види. Овците беа заградени надвор од црквата. Истерав петнаесеттина и тргнав со нив во темницата. Ќе заборавев. И единствената коза ја зедов со себе. Да се најди, за децата. Песот потрча со мене. Талкав низ темнината повеќе од два часа. Светло, придушено се гледаше во далечината. Беше некое мало селце. Во околината најдов напуштена куќа. Ги затворив. Угичот го почешав по роговите, им фрлив троа трева и се вратив назад. Од тогаш секоја вечер го правев истото. Влегував во црквата, па продолжував. Ќе им дадев храна, малку ќе поседев и полафеф со нив и назад. Останатите ги отераа некаде два дена покасно. Полнат казани. И сношти пак отидов. Ми беше тешко, да се качам прво до манастирот, па до селцето. И патем да се криеш. Уште цела недела, Атанас седеше по цел ден тука до мене и ми ја раскажуваше својата животна приказна, откако офицерот ги изговори оние зборови: Kаде се овците. На осмиот ден го скрши сликата. На шестте семејства кои безнадежно седеа и чекаа во вагонот, кој им беше се во исто време. И нужник и спална. Ги дотера и ги предаде овците. Вагонот го прилучија кон зајдисонце. Композицијата тргна кон ветената земја, во полето кое белеело од овци. Тогаш последен пат го видов Атанас.  Погледот низ страничните празнини на вагонот му беше свртен кон мене, со влажни и замаглени очи, сигурно имаше само една мисла во главата. Дека еден ден повторно ќе има свое стадо. Никогаш повеќе не намина.
Мина многу време. Ближат седумдест лета. Јас пак сум тука на истото место, на истата станица, крај големата река, која лете знае да биде и поток. Повторно многу луѓе. И дење и ноње врват. Како тогаш многу одамна. Зборуваат на јазик кој не верувам дека сум го чул. Некои безгласно продолжуваат по шините, некои го чекаат попладневниот воз. И сега врие од униформи. И од деца со уплашен поглед. На тукашните им се чита презирот и недоверието во погледот. Како и тогаш кога Атанас и Риса патуваа кон непознатото. Ах, колку сакам повторнода го видам неговото лице. Уште ли е овде, на овој Свет? Никој толку многу не разговарал со мене. Ни предтоа, ни потоа. И овие сега итаат кон ветената земја. Некаде далеку, на Север. Едно момче, голобрадо, седна до мене. Не ме приметува. Изваде вестник. Јасно ја видов големата фотографија која немо ја гледаше. Детенце на плажа. Спие. Со алово како крв блузенце. Но, децата не спијат сами во песокот на плажата.-размислувам во себе. Со главата речиси во вода. Ќе им студи. Ми се разбиструва. И одеднаш целиот Свет се руши врз мене. Мртво е. Момченцето е мртво. Нема друго објаснение. И пак ми текнува на Атанас, кој ми раскажуваше недела цела, надумав за неговите две дечиња, Ташко и Георгија чинам така се викаа, чии гробови ги оставил таму далеку, оттаде гребенот, преку планината. Ми доаѓа да вреснам, а глас немам, ми иде да ги излеам сите солзи на Светот, а очи немам. Јас сум само нем сведител. Јас сум само еден стар, дотраен, зарѓан вагон, заборавен таму некаде на зараснатите шини, на станицата крај реката, која лете знае да стане и поток. Името го разбрав, иако немам ни очи, ни уши, нит срце. Името на детето кое требаше да биде среќно, а заспало за навек на таму некоја плажа во Медитеранот. Ајлан. Тоа му беше името.
Ми недостига Атанас. Ќе ме разбереше.


Sunday, May 17, 2015

На самрак во Мај

Слика прва.
Сонцето полека паѓа зад планината. Седам, читам книга од која чувствувам душевна болка, која напати поминува во телесна. Ја кревам главата, погледнувам во далечината, оттаде тополите, кон неа, кон нејните пробелени врвови. Се уште не ја затскриле огнената топка. Опојно се шири измешаниот мирис на расцутениот боз и на свежо окосено сено. Хор од птици ја исполнува симфонијата на доцната пролет. Пак продолжувам со книгата. Од далечината се слуша звук на трактор.Ми ја разнилшува идилата.  Се потемно е. Роевите комарци ме потсетуваат дека е време за тргнување.

Слика втора.
Се враќам во реалноста. Ново плодно земјиште посипуваат со камен. Грди градби никнуваат преку ноќ. Возам внимателно. Дупки, несоодветно паркирани возила. Ме пречекуват градските кучиња. Се вртат околу нас. Малото син че многу ги љуби. Уличните светилки повторно не работат. Нема заврнато веќе неколку дена. Смрдеата лебди во воздухот. Од чаршијата се слуша музика. Мај е.  Време е за матури налик на свадби.

Слика трета.

Седнувам пред телевизорот. Денот беше напорен. Вртам по националните медиуми. Ред вести, ред омраза, ред турски серии, ред пинк продукција. Се откажувам. Пробуричкувам по социјалните мрежи. Слична е агендата. Читам едно интересно писание. За ѕидот. Берлинскиот. Размислувам . Во позадина ми оди Тото Котунјо со неговата евровизиска песна. Иаме ли ние право да зборуваме за него воопшто. Ние кои секогаш кога ќе се зачнеше европејската идеа ја абортиравме во самиот зародиш? Од песната на Тото мина четвртина век. А, сакав само да излеземе од кафезот, да бидеме слободни, сакав да читам и да пишувам, да работам нормално работно време, а да имам доволно средства да го издржувам семејството. Да имам повеќе време за моите деца. Да не слушам веќе лаги. Времето ќе да застанало. Се враќам на телевизорот. NGC е пак мојот избор. Омилената серија за преживување. Гледам, а очите ми паѓаат. Сонот ме покори.

Sunday, March 1, 2015

ПРЕД ДОЖДОТ

Мрзоволно талкаше низ паркот. Омарнината му ги беше совладала и сетилата и силата. Утрото не навестуваше такво нешто. Облаците беа надвиснати од сите страни во котлината. Чекаше дожд. Но, не дојде. Иако есента веќе длабоко навлезена, циганското лето беше очигледно дека ќе потрае. Така му се чинеше. И покрај трапавоста, Сонцето и тоа како му годеше на расположението. Насмевнат онака од се срце, полн со себе, покроце, налик на  желка,  полека пристигнуваше кон ридчето кое се издигнуваше на крајот од градскиот парк. Рид или тумба или кој знае што ли е, но на сите намерници им беше крајна станица на нивните прошетки од памтивек. На повеќето, руината која некогаш била кафеана. Одбра да се искачува по скалилата, наместо по кривулестиот асфалтиран пат. Внимателно се пентереше угоре, застанувајќи на секое одморалиште да почини. Вишокот облека го замараше, но немаше што да прави. Утрото го прелага. Од време, на време ќе се напрегнеше да прерипне некое камено скалило кое го немаше, но за десеттина минути веќе беше горе. Потседна на сувата трева, смиљ жолта, засушена, од таму некаде на почетокот на летото  изгорена за капка вода. А, тааводата, со месеци не дојде. Како и утрово. Таман ќе помислиш дека е готово, та ќе почне да блика, и облаците едноставно, исчезнуваат. Сонцето кое се појави речиси на пладне ги намами граѓаните да го искористат остатокот од  сè пократкиот ден. Врвулици од луѓе минуваа крај него. Подлегна. Горе, на бескрајното синило, од време на време само некое облаче ќе го прошараше хоризонтот. Ништо не размислуваше.  Идилата по едни пати му ја расипуваа пискотници кои доаѓаа од далечината. Детски игри. Лежеше така, без да се помести, повеќе од час. Ја набљудуваше огнената топка која полека се спушташе над планината.  Потоа стана, се протресе и со задоволство кое му се читаше на лицето, тргна по стариот пат. Овој пат зафати по асфалтот. Троа подалеку, ама без потскокнувања. Спокојно се движеше. Немаше намера да се вознемирува. Само што го помина мовчето од бетон излиено, го сепна нечиј глас кој тивко, несигурно, го изговори неговото име. Инстинктивно подзастана и се сврте. Пред него стоеше жена, негова доба, бааги пониска од него . Со долга кадрава коса, некогаш црна, сега запоставена и веќе видливо пробелена. Во рацете држеше момче кое имаше не повеќе од четири годинки, а за рака држеше девојче исто по раст како братчето.
-          Близнаци. – му ја разреши мистеријата која ја прочита во неговите очи.  
-          Христина.  – едвај промрмори. - Никогаш немаше да те препознам. Тешко го изговори тоа. Сакаше уште нешто да каже, но зборовите не надоаѓаа како обично. Јазикот му се здрви. Пропелтечи уште некоја реченица. Во паузите само се пулеше, недоречено, некако збунето .
-          Морам да одам. Ми беше мило што те видов. Многу време мина. Насмеана, полна живот, го спушти момчето на земјата и потрча со двете по удолницата.

            Телефонот ѕвонеше. Упорно. Заблуден во книгата, со затворена врата, лежеше на стомакот со часови. Без помрднување. Само устите му мрдаа. Пискотот конечно го помрдна. Пладнето беше заминало. Читаше на светилка. Ролетната во малата собичка беше спуштена до крај. Жештината ако навлезеше, не се поднесуваше. Се јави иако неволно. Него го бараа. Познат глас.
- Ја читам Бак . – одговори. Му годеше разговорот. Насмевката го издаваше.  –Утре е во ред. И книгата ќе ја завршам. Повторно си нурна  во својот свет. Се изгуби некаде во Кина. Следното утре стана во вообичаеното време. Од секојдневието , иако тоа не личеше на него , ја скокна книгата . Излезе од  дома . Во дворот ја сретна само дедовата сестра  , баба Трајанка , која поднаведена со шамија на главата го метеше дворот .Разменија по збор два , па тој си продолжи по патот а , баба му си ја продолжи катадневната игра со метлата пред портата . Сонцето  беше далеку од својот зенит . Се упати кон централната улица . Потседна на една клупа , подискршена но само таа слободна , кај градскиот часовник . Мали Ромчиња се капеа во шадрванот . Привлекуваа внимание . Ја примети уште во далечината . Облечена во кратки пантолони и некоја светлобојна маичка му пркосеше на горештината .  Забчињата цут бели , оние предните одвоени еден од  друг , впрегнати во впечатливата насмевка , одлично се поклопуваа со кадравата коса со боја на јаглен . Продолжија надолу по улицата . Кон паркот . Муабетот им леташе . Ретко се гледаа изминатата година .
- Да седнеме . Оваа сенка е добро место за почивка . – му рече . Прифати со задоволство .Клупата беше под липово дрво , прецутено , само две штички врз две метални вратила , издлабени со разноразни имиња , без потпирачка . Таа ја преефрли едната нога преку неа и седна .
-Поубаво е вака . Барем ќе се пулиме . – зборуваше и со прстот минуваше низ мноштвото од вдлабнатини .
- Луѓето љубат да ги запшуваат своите мечти во дрво . –рече тивко .
 Ја следеше . Седна исто така . Погледот му забега надолу . Кон кусите панталони .Иако нејзе не  и пречеше , тој се засрами .Го сврте погледот настрана . Зборовите летаа . Муабетите немаа крај .Тоа со погледот му се повтори . Повеќепати . Станаа доцна попладне . Гладот да не им ги нападнеше мислите  , сигурно и ќе ги стемнеше . Се враќаа по друг пат . Ја избегнаа централната улица . По тесните сокаќиња стигнаа до училиштето . И двајцата живееа во негова близина . Прв пат од утрото видоа познати луѓе , или пак никој не заприметија цел ден , којзнае . Седнаа и тука . Убавото расположение заразно го ширеа . Сонцето веќе се скри зад двете висок згради кои стрчеа неприродно во околината која ги опкружуваше . Полека , еден по еден , сите се разотидоа . Лето е . Време за ноќни прошетки .
- Можеме и пак ова да го повториме . Убаво си минав . Есента бргу ќе дојде .  И втора година во различно училиште . – му рече . Забчињата и блескаа .
- Добро би било . – одговори кратко . Се разделија . Квечерината се спушти над градот и на чаршијата . Телефонот пак ѕвонеше . Другарите го бараа за вечерно излегување . Ги одби . Се чувствуваше уморно . Легна , зеде книга и си потона во својот Свет . Есента навистина бргу пристигна .

       Тоа утро од креветот стана многу рано . Само што сети дека мајка му и татко му заминаа на работа . Сонот не го потисна цела ноќ . Сестра му се немаше ни подмрднато . Уште не беше осамнало . Тешки облаци се беа обесиле над  градот . Се облече , зеде некоја книга и седна . Читаше и после секоја страница погледнуваше во стрелките на часовникот . Ја затвори книгата и излезе  . Тивко . Тргна нагоре . Градот сè уште беше нераздвижен . Влагата во воздухот му создаваше непријатно чувство . Баш никој не сретна низ чаршијата . Реката ја мина на желзното мовче . Буботеше . Дождот од синоќа го стори своето . Стигна .  Големата дрвена вата беше отклучена . Внимателно ѕирна . Огромниот ходник зјаеше празен . Влезе . Потрча до крајот . Печката на дрва , метална , тенка и висока веќе вжарена ,  навестуваше дека денот кај да е ќе започне . Отиде тивко до третата клупа крај прозорецот и на местото каде што седеше таа , го извади малото ноже и почна да режи по дрвото . По кратко време задоволно погледна . Во малото срце , барем нему така му се чинеше , величенствено стоеа две букви . Почетната од неговото име и Х . Се смешкаше  . Ја повтори добро обмислената постапка . Ѕирна .Повторно никој и  пак прелета преку ходникот . Отпозади , на грбот , му стрчеше само ранецот , кој беше речиси половина од него . Сврти околу високите згради , па влезе и во дворот на црквата . Потседна на ѕидот од базенчето . Врвовите на неколкуте бора во црквениот двор се нишаа на  ветрот . Ќе врне .  Река од деца почна да се слева кон училиштето . И тој се влеа во неа . Ѕвончето го означи почетокот на новиот ден . Зароси .

         Целодневната опуштеност и ведрото расположение му спласнаа . Брзаше за дома . Целиот трепереше . Неделното попладне ги опусте  улиците . Од џагорот во чаршијата преку работната недела , сега немаше ништо . Само некои ретки забрзани минувачи кои наликуваа на него во мигот ќе се појавеа и исто така исчезнуваа.. Ни еден дуќан не работеше . Кај дрвеното мовче јато чавки во низок лет му поминаа над главата . Силно крескаа . Нешто навестуваа . Дали конечно ќе дојде дождот , кои сите толку желно , со месеци го очекуваа ? Стигна до куќата . Вратата од собата на баба Трајанка беше подотворена .  Ретко и подзастануваше последно време , а не нешто друго .Наѕра .  Таа лежеше во креветот и сега исто како и првиот ден пред речиси пет години . Неподвижна . Изгубена . НАд неа , на ѕидот обесено светкаше кандилцето . Ја загледа подробно . Коски врз кои висеше кожа .На тоа му личеше . Испиеното лице , ослабено и исцрпено , повеќе не можеше да ги крепи вилиците , па со впиените усни вкупната слика наликуваше уште полошо .Седата коса веќе не ја покриваше шамија .  Само очите , сини како небото над тумбата денеска , беа кристално бистри како од секогаш . И ширум отворени . Се гледаа некаде неодредено , шиниш во некоја точка на распуканиот таван . Ѕирна во нив . Се вознемири . Од празнината која ја виде . Бескрајно  длабока . А , оттаде , само очај . Безнадежен . Очај . Потонат во самотијата . И таму некаде во најголемата длабочина , се виде себеси . Ги виде и клупите  и буквите . Ги чу и муабетите . Ги виде сите свои изминати , без некоја недла  ,  четириесет години . Едвај се качи по скалите . Влезе во собата . Книгите беа насекаде . И само креветот . Еден на број . Оној на сестра му одамна го беше извадил . Кога замина во чуждина  . Лежеше .Покриен преку глава . Треската не заминуваше . Низ прозорецот,  се гледаше планината . Црни облаци полека почна да се собираат над нејзините врвови . Чавките никогаш не грешат .