Tuesday, October 18, 2016

СИНО


Бескрајно. Или бескрајна. Погледот ми лета по хоризонтот, по небесната шир леко извезана со нежнoбела пајажина. Огнената топка плови по тоа море, брзајќи да го достигне зенитот. Тишината ми ја разубавуваат звуците на ситни крилати суштества кои летаат околу мене. Симбиозата од миризбите што се шири околу мене ми ги растреперува подзаспаните бразди во мојата глава. Спомени. Сончевите зраци кои галеа до скоро, почнаа да печат.
Така од нигде никаде понекогаш, како и во моментов, ме заплискуваат спомени за тетка ми Благуна, Бог да ја прости. Најстарата сестра на татко. Скината глава, често знаат да ми речат. И познатите, и за мене непознатите. Кутрата, се мажила многу мала, или поточно надумано, избегала од лошата ми баба, барем така велеа моите, низ шепот, по еднипати. Од градот, тука во центарот одма до пазарот, бегалка. Ни помалку ни повеќе, туку право на село. Баба ми, горда до немајкаде, никогаш не и простила, барем не онака искрено. Но, нејсе. Тетин ми Стојан бил троа постар од неа, но лажел пари. Кога им се родила првата ќерка, тој заминал на печалба на другиот крај од Светот, во Австралија. Такви биле времињата тогаш. Или и од памтивек биле?  Кој ли знае?
 Стојан се вратил по некоја година. И пак заминал.
По нецела година се родила мојата најстара братовчеда. Татко и ја видел некаде на нејзиниот втор роденден.
-Уште малку Благуна. Барем за една куќа во градот да спечалиме, тежок е животот в село и  самата гледаш.- и велел тогаш, на неговто трето заминување.
По девет месеци пак на Светот дошла женска челад. И таа татко си  го видела некаде околу втората година. И пак истиот муабет:
-Уште малку душо, уште малку. Да издржиме.
 -И по тие девет месеци Светот го здогледало девојче. Секое од слатко послатко. И пак така. Следното, претпоставувате веќе, повторно било момиче. Јана ја крстиле. Како и да е,  есента била длабоко навлезена, кога Стојан рекол дека му е последното заминување. Куќа во градот веќе купил, а и во селото имотите доста им се намножиле. Низ селото се шушкало и за куќи таму преку океанот.
Следното лето дошло уште едно  прекрасно бебе. Ана. Најмалата. Со најубавите очи на Светот. Со поглед кој те прокосува. Е, неколку години по неа почнале и првите свадби. Прво на најстарата ми братовчеда, па потоа како што носел редот. Па стигнало и првото внуче, па второто... И некаде со, чинам шесттото, мајка ми и мене ме донела на овој Свет. Со внуци постари од својата тетка. Тетка ми кога ме здогледала првпат почнала да плаче. Од радост. Сум била истата таа. Трчала од болницата до чаршијата беа да земе здив и право кај првиот златар. Првиот дар ми е од неа. Обетки. Уште ги чувам.
Семејството се ширело без застој. Внуците се множеле. Паметам од некои мои четири години. И првите слики што ми се врткаат во мојата глава се оттаму. Со многу деца, растрчани во широкиот селски двор. Со кокшките, козите, мачките... Кравата која тетка скришум ја молзеше бидејќи ние, градските деца, пиевме млеко само купено од продавница. И сега се смеам. Ќе ме грабнеше во рацете и трчаше низ нивите со мене. Мајка ми често и велела:
-Зарем не ти е мака? Малку ли ти се твоите?
-За секое дете имам посебно место во срцето. – кротко ќе вратела.
Тетинот, тазе дојден, ми стоеше многу чудно. Тогаш првпат го видов. Дали од шапката, од која никогаш не се и делеше? Рано наутро само ќе се насмевнеше и заминуваше на сретсело. Најчесто бистреше политика со старците кои бегаа од тешката работа во полето.
-Вие сте моето богатво.- знаеше често да изусти тетка ми. И кога ние со првите знаци на есента си заминувавме во градот, кај неа со сите тие мали и големи деца, претпоставувам никогаш не и беше досадно. Тетин ми се поретко доаѓаше. И секогаш го велеше истото:
-Овој пат е последен.
И тогаш, гледај чудо. Летото кога јас имав некои десеттина години, тетка ми Благуна ни најави дека и таа ќе замине преку големите води. Беше тоа лето како од бајките. Со игри и викотници. Со насмевки. Прво ги испративме штрковите, а нецела недела потоа и нив. Тетка ми. И Ана. Најмалата ми и најмилата братовчеда. Онаа во чии очи пливаше целата добрина на Светот. Тука некаде и завршија летата на село.
 Тетка ми не ме заборави. Поштарот редовно ме посетуваше. Растев со даровите од далечната земја. Годините врвеа. Еден ден се врати, за нас неочекувано, онака како што и замина. И пак насмеана и среќна. Полна со живот. Пред да заминат штрковите. Се собравме за куќната слава, неколку недели потоа. Пораснати деца на старото место. Смеа и среќа. Без викотници. Раскажуваше и слатко се смееше на нејзина сметка за нејзиниот живот во чуждина.
 Ја испративме на оној Свет после првите слани. Замина тивко, преку ноќ.
-Слатка смрт- велеа селаните на погребот. На нејзиното лице пред да го покријат ковчегот се читаше смирение. Знаела. Затоа и дошла. Лекарите и откриле неизлечлива болест. И тоа го примила смирено и со насмевка на лицето. Секогаш, а и сега кога Ви говорам за ова, плачам, а реки се слеваат по моето лице. Налик на пустиот двор на тетка ми, во селото на чекор од градот, во доцна есен кога ветерот од старата планина  си игра и ги тркала сувите треви.
Тогаш последен пат го видов. Тетинот. Остарен, збрчкан, со златен часовник на ковчестата рака. Замина брзо. Навистина за последен пат. Умрел неколку години подоцна.
На погребот, речиси и да немало никој. Само службите. И Ана. Најмалта, со најубавите очи на овој Свет, кои без да говорат толку многу кажуваат. Во кои можеш да ги видиш најголемите длабочини на океаните кои ги препловија и да го дофатиш небото кое го прелетаа толку многу пати, во потрага по нешто необјасниво и недопирливо.
Земјата на која лежам е мокра, како по летен од дожд, од пролеаните солзи. Погледот, иако заматен од влажните очи, се уште ми лета по небесната шир. Бескрајно сино.
Како нив.
Како неа.
Бескрајна.
Љубовта.

Monday, October 10, 2016

ЕСЕНСКА

А, кога есентта
Ќе тропне на портите,
Килим од
Златници
И пурпурни цветови
Ќе ти распостелам
Под нозете.
Толку умеам...

БЕЗИМЕНА

По небото
Ќе исткаам скалила
Од бели облаци
И по нив
Ќе се искачам
До младата
Луна.
Да бидам
Поблиску.
До звездите.
За да можам
Полесно да ти ги
Симнам.