Tuesday, June 24, 2014

ДЕФИНИЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИ ПАТРИОТ


                                           ДЕФИНИЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИ ПАТРИОТ

       Вовед

Никогаш сум немал намера да ја прифатам вешто подзаскриената доктрина на државата со која се потикнува говор на омраза кон одредени цели и која напати излегувала и се уште бега од контрола , сакале ние или не . Нити овој текст има намера да биде тоа. Напротив . Сакам да дадам мое гледиште на нештата . Затоа што сакам земја на просперитет , сакам земја каде што љубовта ќе биде звезда водилка , а не омразата . Ни на крај на паметот не ми паѓа и да судам некого . Не сум достоен за тоа . Секој си се раководи според сопствените убедувања. Дали се вистински или погрешни , тука и може да се поведе дискусија . Суштинта на ова мое мнение е само да се преиспитаме , да се видиме навистина каде сме и каде сме тргнале. Сметам дека нашиот пат е всушност , слободен пад . Плус трае премногу долго . Многу , многу подолго од 23 години . Поделбите по сите основи не треба ни да ги споменам . Од таа причина ќе се обидам да дадам една анализа, независна, во која најверојатно нешто и ќе пропуштам, а нешто и ќе згрешам, а пак ќе напоменам , се со една цел, да откриеме што е она што не кочи , она што не ни дава да се приклучиме кон за нас единствениот вистински пат – европејското семејство. Не сакам да звучам како некои старци ,кои целиот живот го минале закачени како крлежи на државна сметка и ним сличните, обединети во здруженија , манифести и слично , кои бараат те став за она ,те став за ова ... А, јас од нив барам само став како да излеземе од калта која ни се качила до гуша. Барам став како утре нашите деца да ги задржиме на прадедовата грутка. Ама одговор од нив  нема . Би напоменал дека споменатите подолу, се земени единствено како најпознати и најтипични примери за јавноста. Но , да почнеме со ред.

      Да дефинираме

Централниот плоштад во Битола. Мала бина. Свиреше најпознатиот локален бенд. Толпата се намалуваше како времето одминуваше. Пред полноќ останавме едвај стотина. Повеќето деца, со големи очекувања . Беше тоа 8 Септември 1991 . Многу надеж. Многу .Но, што ли се изроди од желбите? Чии заложници станавме?  На самите себе ? На што личиме ? На фотошопот на патриот кој друг ни го изработи ? Ајде да го конструираме , па да видиме до каде сме .

Типичниот македонски патриот според сопствените сфаќања мора да биде член на партија . И тоа во зависност од моментот. И така едно многу десетлетија назад. Согласно тоа, по потреба имате лево или десно демек ориентирани, некоја чудна мешавина на идеологии или пак кај некои  по потреба тоа оди со 180 степени завртување па од леви стануваат десни и обратно. Да не ги заборавиме и оние кои имаат сателит партии и имаат 100 пати поголемо членство од  гласачко тело. Ама по правило имаат медиум или некакво  влијание,  на пример  во академијата.  Без разлика кој типичен примерок би го зеле за набљудување, нели, заклучуваме дека поделбата на лев и десен  е само колку за замајување бидејќи идеолшка профилација и речиси нема, а заедничко им е што делат исти идеал. А тоа е било какво место во државна или општинска администрација,фирма или пак некакво си јавно претпријатие . Ама баш било какво место. За почеток, бидејќи  тука богами знаат како да напредуваат во службата од памтивек. Но не е така се црно. Не се тие така големи материјалисти. Тие имаат и  возвишени цели. Кога ќе им се исполни желбата за нивно потпикнување тогаш настапува желбата за сопружникот, па децата, па свеската, па љубовницата , па... сите до еден во државна служба. Ох, колку возвишено. Но сето тоа треба да се оправда. Па, затоа имаат неизмерна љубов и доверба во партискиот лидер. Тој е се и над се.Граѓаните кои се во приватен сектор и немаат книшка ги сметат за подолна врста. Од втор ред ако така сакате .  Заедничко им е тоа што секогаш се во првите редови. На протестите и на контра протестите. Брат против брат, сестра против сестра. Долгот треба да  се врати. А кога беше криза нели воена и тогаш нашиве патриоти , рака на срце , беа во првите редови. На првиот ред лежалки по плажите. А, за оние кои беа на фронтот им текнува само ради политички поени и пазарење со коалициониот партнер.И покрај грчливото искуство од таа 2001 , не му смета да пали тензии , меѓуетнички , особено пред избори . Без ралика што истите му требаат за дневнополитички потреби. А , кога сме кај изборите е тука навистина е за пофалба . Гласа секогаш и во точно определен час од изборниот ден . Тука се раководи главно од своите моментални потребштини , а не од иднината на неговите поклоленија , но тука секогаш смета на сопствените КИМЈУНГИЛ- овски способности. Се разбираме , нели ?И мечтаат еден ден да станат бизнисмени. Тендеристи.А,кога еден ден стануваат и тоа, по правило, моментално стануваат религиозни. Пред секој голем празник, наместо пост , бараат промена на календарот.  За сите овие желанија кои ги имаат не им смета што веруваат демек во различни идеологии. Џабе различни кога и обете се поставени врз митови, лаги или некоја комбинација која ете така и визуелно ни ја сплотија последниве години. Ако сакате да видите, трк до до Скопј(љ)ето  , метрополата ни наша. Е, таму има што да се види . Лас Вегас на Балканите .Некои работи би Ви изгледале и бајаги нелогично .На пример обезбедување или по ново секјурити кое варди споменик , да речам парче бронза, а на кое може да му подзавидат и лидерите на многу силни и почитувани земји по Светот . Како и да е, ако им спротивставиш факти контра нивните митови, одма почнуваат нешто да викаат, да те обвинуваат и бегаат во непознат правец. За волја на вистината, најдоа место и за револуционерите и преродбениците, ама од куртоазија. Нивните визии и идеи биле недопросветлени. Тоа ќе Ви го објаснат и официјлните водичи во музејот со најдолго име во Светот. Нив, како и многу други дела ,ни ги сервираат во форма на ИЗБОР , бидејќи ние и немаме нели доволно капацитет сами да донесуваме заклучоци. Може да забегаме. Во неподобни. Патриотот да кажеме дека редовно се информира од некое чудно списание наречено Билтен. Тоа е единственото кое го користи , за просветлување. За другото се грижи партискиот центар за комуникации. Отприлика горе долу така дејствува во јавноста , а во илегала отприлика е вака. Фрлаат клетви по ЕУ и САД . Катаден . Најважното е што и едните и другите плачат за бивша Југославија. Со таа разлика што еден дел во јавноста плука кон истата.  Интересот пред и се.  Тогаш барем имаше само една партија, не требаше да шеташ . Се што требаше е да кодошиш. Интересен е феноменот што и оние најмладиот ешалон патриотчиња и тој жали за бившото. Иако се родени во демекдемократија и во демекнезависна држава . Ама сеуште весело си потпевнува песни од тоа време, а денес по правило е главен фан на Цеца, Аца Лукас или на еден бербер кој ги знае ама сите турбо фолк завивања. Српските пејачи полнт спортски сали. Море и стадиони со антички имиња .Да ја имавме  бразилска Маракана и таа ќе паднеше . И секоја седенка ја почнуваат со некоја комитска, но како еуфоријата и расположението расте , репертоарот се менува и екстаза се доживува на Светлана и  “ Мој Београде “. Кој патем и без песна мора да го споменат барем три пати денот . Макар и за временската прогноза. Обожаваат четвтокласен режисер кој снима филмови за трети полувремиња, а е  само првокласен маркетинг мајстор . Губела државата, кој ја е.. Идол им е сега покојниот Милошевиќ, а од живите оној што е во Хаг, Шешел,Шешељ, како  ли го викаа. Со каков восхит го пратат неговото судење, е баш е за чудење .Времето ( и работното кое трае некој половина час скоро секој ден и она другото што им останува нели така одморени) го трошат за величење на она старо време кога ете по цел ден се јадело и пиело, се живеело во држава најсилна во Светот и Ве убедуваат  дека баш нивниот лидер тоа сака повторно да го врати. И ако им поставиш прашање како тоа нешто толку силно се распаднало како кула од карти , едногласно Ви велат : Американците се криви, ама и тие еден ден ќе се распаднат. За последните две три децении македонска голгота сметаат дека најголем виновник е Љубчо ( го земам него како најтипичен пример како валканата кампања деградира) , но незнаат од кои причини. Важно знаат . И последните податоци од Заводот за статистика околу наталитетот, него ќе му го накалемат за грев. Да не зборуваше толку можеби и податоците ќе беа поинакви. Но јас мислам дека знам зошто е тоа така. Нашиве патриотчиња леви десни, во различен стадиум од својот еволутивен развој најмногу  љубат или љубеле да го слушаат оној самопрогласениот скопски шизик кој во меѓувреме се здобил и со некоја титула на некој од мноштвото ни факултети, а последниве две децении е главен креатор на јавното мислење.А, тој така надарен на уста Љубчо ретко го вади од неа.  Него го имаат просто за божество. Кога го гледаат него, дури и интелектуалците добиваат чуден порив. Професори , уметници, академици, музичари кои во животот не добиле ни една идеја, одеднаш од пред телевизор рипаат , земаат писалка во рака и седнуваат да пишуваат. Транспаренти. И право на улица. Само кај нас на оваа категорија им е поважен стомакот од умот. Но со праезен стомак лаги  не се продаваат. Вака пред камери ги гледате накострешени едни спрема други но во даден момент се страшно обединети. Лани ни се случи, банален проблем на локално ниво. Бараме да се санира проблемот, егзистенцијонален, и патриотка од едните треба само да му наложи на патриот од другите и да отпочни процедурата. А, таа мене онака растревожено: Вие сакате јас да се свртам против колегата? А, никој ништо против никого немаше. Само една дузина луѓе немаше вода за пиење.Сега нешто поопштено. Деновиве излезе некој српски проект за поврзување на Белград со Солун по канлски,овај воден пат. И ај да речеме дека немам ништо против иако звучи бессмислено и налудничаво,доколку нас и не прашаше некој за тоа, но на начинот на кој е претставено за мене е антидржавно. И патриотиве наши одма со цела своја сила само подржуваат. Изгледа сакаат да си го унапредиме статусот. Од Српска културна краина последниве седумдсеттина години, да си бидеме нешто повеќе. Ич малку пак Јужна Бановина. Тогаш ќе бидат најсреќни. А, галиите на Вардар ќе бидат подготвени да исполовата спротиводно и  нашите патриоти да ги понесат во старо – новата ни престолнина.  Ова заеднички го бранеа, а најголем заеднички напад им беше некаде околу 2000 чинам, кон новопоставениот директор на Националната библиотека  ,  еден од најдобрите и најплодните писатели од Македонија, Младен Србиновски. Како здружно се кренаа , дури и да не веруваш.Здивени хиени  кои само што не ја растргнале жртвата.  А, човеков ги исполнуваше сите законски услови за тоа место , а плус и како сите нас грешен. Ама, најголема грешка му била што не љубел да мисли со друга глава.Плус бил ова , бил она. Ами Уставот нели вика дека сме сите исти? Или и тој ќе да подлажнува.

   Сумирано,во театарот наречен Македонија гледам дека столетие цело се игра само една те иста претстава. Само костумографијата и сценографијата се различни, а периодично се менува и  патриотската овај актерската екипа. Ама од сето тоа  само едно можам да заклучам, дека со вакви патриотиша имаме иднина. Ама , далеку од розова.

  Бидејќи медиумскиот простор ( со ретки исклучоци) децении наназад мене ми наликува нешто налик на баклава, ред сапуници, ред перење на мозокот, а гледано од птичја перспектива на Пелагонија во лоша зима и јас ќе се нурнам во таа магла во која прст пред око не се гледа и во кој царуват платениците и во знак на револт  ќе бидам како и сите оние скапо платени демек интелектуалци кои сакаат да останат анонимни, та и јас ќе бидам само

                                                                Името и презимето и се познати на редакцијата.

 П С Ако некој мисли и дека претерувам,  како би го објаснил ова. Кај нас во Македонија има дневни весници , откои повеќето тежнеат кон владата и само еден опозиционен. Најтиражниот провладин ова писание или поточно дел од него го отфрли на последниот уреднички филтер, а единствениот опозиционен не се ни потруди да објасни зошто не го објавува. Затворени кутрите во сопствениот круг , се што прават се сведува на режирање научно-фантастични  филмови, ама во сопствените глави .Мислам дека е поради идолошка неподобност и спротивен на општоприфатените државни доктрини , но сметам дека не е ни многу страшно. Тоа се само зборови. Страшното е што заради неподобност илјадници ги изгубија животите .Илјадници семејства се растурија. Илјадници се протераа. Илјадници избегаа. И знаете што е најстрашно ? Кога типичен патриот дефиниран во редовите погоре ќе Ви рече:

  “ Ами така се прави држава” . После оваа реченица сите муабети се излишни . Дефектот е системски . Дајте да ги смениме работите. Вака, не ја бива.

Кога ме прашуваат што се чувствувам , милувам да кажам:Човек .Пред се . Рака на срце и тоа во даден момент се зема за грев , ама...А ,ако мислите на националност , сум она што бил и апостолот на македонското движење - Делчев . Со него се идентификувам . Оној истиот кој Светот го разбираше како поле за културен натпревар меѓу народите.

И кога ќе Ви речат дека времето работи за нас , не им верувајте . Ве лажат . На оние првите на кои им го кажуваа тој лаф , мнозината  одамна не се на  овој Свет . Посреќните ја живеат десеттата деценија од животот. И се уште истото статус кво .

          Завршни зборови

Се уште мафтате со главите. Не сте разубедени ? Не ми верувате ? За крај , само уште ова . Последниов месец две соседни земји се соочија со катастрофални поплви . За жал . Прашњето е како се пронајдовме себе во тие трагедии ? Исто ли се поставивме ? Исто ли реагиравме ? Исто ли помогнавме ? Или подобро речено помогнавме ли воопшто ? Со истиот ли жар ? Селективна ли е дури и човештината  кај нас ?

Немам повеќе прашања .